Dmitri Chirciu
26 Јули 2022•Ажурирај: 27 Јули 2022
МОСКВА (АА) – Руското Министерство за одбрана соопшти дека повеќе од 40 странски платеници, од кои повеќето Полјаци, се неутрализирани со високопрецизни ракети истрелани од воздух во украинската област Доњецк, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот на Министерството, Игор Конашенков, во главниот град Москва се осврна на активностите на руските воени единици во војната во Украина.
Наведувајќи дека руската Армија продолжува со нападите врз воените елементи во Украина, Конашенков рече: „Во нападот извршен со високопрецизни ракети лансирани од воздух врз центарот каде што привремено се наоѓаат единиците на Странската легија во близина на местото Константинивка на Народна Република Доњецк, неутрализирани се повеќе од 40 странски платеници.“
Конашенков истакна дека е извршен напад со високопрецизно оружје против артилерискиот баталјон на 59-та Моторна бригада на украинската Армија во регионот на Миколаев, и дека како резултат на нападот, 70 отсто од баталјонот е уништен.
Според него, руските воздухопловни сили ги погодиле позициите на 72-та Механизирана бригада на Украинските вооружени сили во регионот на Доњецк.
Конашенков нагласи дека уништени се повеќе од 70 воени складишта и складишта за муниција.
Тој рече дека 2 украински беспилотни летала се соборени од руските системи за противвоздушна одбрана.
„До денес уништени се 260 авиони, 144 хеликоптери, 1.613 беспилотни летала, 358 ракетни системи за противвоздушна одбрана, 4.162 тенкови и оклопни возила, 763 повеќецевни ракетни фрлачи, 3.201 хаубица и минофрлачи и 4.481 специјално воено возило на украинската Армија“, додаде Конашенков