Burç Eruygur
23 Јануари 2023•Ажурирај: 25 Јануари 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Русија денес соопшти дека своите односи со Естонија ги свела на ниво на вршители на должност, како одговор на одлуката на Естонија да ја намали големината на руската Амбасада во Талин, известува Агенција Анадолија (АА).
„Последниве години естонското раководство намерно уништи низа односи со Русија. Тоталната русофобија и негување непријателство кон нашата земја, Талин ги издигна на ниво на државна политика“, се наведува во соопштението на Министерството за надворешни работи на Русија.
Во соопштението се додава дека неодамнешниот чекор на Естонија да ја намали големината на руската Амбасада во Талин „го потврди патот кон колапсот на односите меѓу двете земји“.
„Како одговор, руската страна одлучи дека дипломатските претставништва во двете земји се деградирани до ниво на привремен вршител на должност“, се истакнува во соопштението.
Во продолжение се вели дека естонскиот амбасадор во Русија, Маргус Лаидре, е повикан во руското Министерство за надворешни работи, каде му е изразен „остар протест во врска со постапките на естонската власт“.
Лаидре би требало да ја напушти Русија до 7 февруари.
„Сета одговорност за развој на ваквата ситуација во односите меѓу Русија и Естонија во потполност ја сноси естонската страна. Ќе продолжиме да реагираме на непријателските чекори на естонското раководство“, се додава во соопштението.