Cüneyt Karadağ
08 Ноември 2017•Ажурирај: 08 Ноември 2017
БЕРЛИН (АА) - Изминаа 27 години од уривањето на Берлинскиот ѕид, нарекуван и „ѕид на срамот“, кој по II. Светска војна ја подели Германија на Источна и Западна, јавува Anadolu Agency (AA).
Берлинскиот ѕид беше пресвртна точка и за Германија и за Европа. По уривањето на ѕидот на 9 ноември 1989 година, заврши мандатот на Демократска Република Германија и од Европа беше отстранет социјалистичкиот блок.
Со одлука на Парламентот на Источна Германија (Демократска Република Германија), во 1961 година е изграден Берлинскиот ѕид во должина од 156,4 километри, за да се запре бегството на граѓаните на Источна Германија кон Западна Германија. Овој ѕид истовремено претставуваше и симбол на Студената војна, која траеше со години.

Sидот имаше 186 куполи за набљудување, а при обид да пребегаат во Западна Германија, животот го загубија 138 лица. Првата жртва што се обиде да премине во Западна Германија е Ида Сикман, а втората жртва е Гунтер Лифтин.
По уривањето на Берлинскиот ѕид и распаѓањето на Источниот болк, започна проширувањето на Европската Унија (ЕУ) кон истокот, што беше оценето како „најзначаен мировен проект во историјата“.
Соединувањето на Источна и Западна Германија секоја година се слави на 3 октомври, со официјална церемонија на којашто учествуваат сите високи претставници во земјата. Обединувањето всушност треба да се слави на денот на уривањето на Берлинскиот ѕид, на 9 ноември. Но, на 9 ноември 1938 година година нацистите ги нападнаа еврејските домови, работните простории и синагогите, по што овој ден во историјата стана познат како Кристалната ноќ и не се слави како ден на соединување на двете Германии.
На 9 ноември – денот на уривањето на Берлинскиот ѕид, се приредува мала церемонија во спомен на жртвите што починаа при обидот да преминат во Западна Германија.

И покрај тоа што физички ѕидот е отстранет, може да се каже дека во Германија сѐ уште може да се зборува за постоење на еден невидлив ѕид. Сѐ уште постои поделеност меѓу оние што живеат во источниот и во западниот дел на Германија.
Секоја година, германската Влада подготвува извештај исток-запад, во којшто се истакнува дека оваа година за првпат е намалена постоечката поделеност. И покрај тоа, со цел за поддршка на истокот, од вработените сѐ уште се зема „Данокот на солидарност“.
Претседателот на Германија, Франк-Валтер Штајнмаер во говорот што го одржа по повод 27. годишнина од обединувањето на двете Германии, предупреди: „Во Германија веќе постојат нови ѕидови“.
Штајнмаер во своето обраќање зборуваше за изминатите парламентарни избори во Германија, одржани на 24 септември, и посочи дека паријата на екстремната десница, Алтернатива за Германија (AfD) влегла во парламентот како најмоќна партија од источниот дел на земјата, без да ја именува. „Урнат е најголемиот ѕид што ја делеше Германија. Но изборите на 24 септември покажаа дека се градат поинакви ѕидови, кои не се опкружени со бодликава жица“, изјави претседателот на Германија, Штајнмаер, оценувајќи ја состојбата во Германија, и покрај тоа што изминаа 27 години од уривањето на ѕидот.