Nuri Aydın
27 Јуни 2021•Ажурирај: 28 Јуни 2021
АНКАРА
Пет лица ги загубија животите во американската држава Ново Мексико по пад на балон со топол воздух за време на туристичка прошетка, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Балонот со бои на виножито се урнал на земја откако удрил во далновод во Албакерки, најголемиот град во американската сојузна држава Ново Мексико, објави „Би-би-си“ (BBC).
Гилберт Галегос, портпаролот на полицијата, соопшти дека 4 лица починале на местото на несреќата, а дека едно лице починало во болницата каде што било пренесено по несреќата што се случила во западниот дел од градот.
Галегос информираше дека балонот се заплеткал во високонапонските жици преку кои со електрична енергија се снабдувале 13.000 куќи, а по извесно време дел од него паднал врз покривот на една куќа, а делот од балонот во кој се наоѓале туристите паднал на улица.
Федералната администрација за воздухопловство на САД (FAA) и Националниот одбор за безбедност на транспортот ќе спроведат истрага за откривање на причината за несреќата.