Hasan Esen
27 Јуни 2021•Ажурирај: 01 Јули 2021
ЛОНДОН
Поранешниот британски министер за финансии и внатрешни работи, Саџид Џавид, именуван е за министер за здравство на Велика Британија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Џавид е именуван на функцијата министер за здравство, која остана празна откако вчера поднесе оставка досегашниот министер Мет Хенкок
Новоименуваниот британски министер за здравство, Џавид, рече дека е горд што државата побарала од него да ја преземе така важната функција во овој важен момент во борбата против пандемијата на Ковид-19.
На Џавид ова му е трет мандат во Владата во изминатите две години, а претходно ги извршуваше и функциите министер за внатрешни работи и министер за финансии на Велика Британија.
Новиот британски министер за здравство, Џавид, е по потекло од Пакистан, а од претходната функција министер за финансии поднесе оставка откако британскиот премиер Борис Џонсон побара од него да ги отпушти сите советници и да работи со советниците што му ги додели Владата.
Министерот за здравство во заминување на Велика Британија, Мет Хенкок, вчера поднесе оставка откако е снимен како ја прегрнува и бакнува помошничката Џина Коладангело и така ги крши правилата воведени во екот на борбата против пандемијата на Ковид-19.
Со камерата на CCTV Хенкок на 6 мај е снимен како ја прегрнува помошничката Коладангело, а снимката во петокот ја објави медиумската куќа „Сан“ (Sun). Хенкок е обвинет за љубовна афера и дека без потребните процедури ја вработил Коладангело, која ја познава уште од периодот на студирањето.
„Ги разбирам огромните жртви што сите во оваа земја ги поднесоа, што вие ги поднесовте и ние што ги донесуваме овие правила на кои мораме да се придржуваме и затоа морам да поднесам оставка“, рече Хенкок во видео објавено на социјалната мрежа Твитер.
Хенкок рече дека ќе продолжи да ја поддржува Владата и премиерот од последните клупи на британскиот Парламент и дека се радува на крајот на пандемијата и враќањето на нормалниот живот.