Bilgin S. Şaşmaz
30 Септември 2016•Ажурирај: 01 Октомври 2016
ЧИКАГО (АА) - Не постои никаков сомнеж дека зад обидот за државен удар на 15 јули во Турција стои терористичката организација ФЕТО и верувам дека Фетула Ѓулен ќе биде испорачан во Турција, изјави главниот турски конзул во Чикаго, Умут Аџар, за време на обраќањето на студентите од Универзитетот „Чикаго“, јавува Anadolu Agency (AA).
Аџар им се обрати на студентите и одговараше на прашањата во врска со терористичката организација ФЕТО, обидот за државен удар, како и за истрагата што следуваше потоа.
„Би сакал сега да можам да ви зборувам за убавините на мојата земја. Да ви зборувам колку е убаво летото во мојата земја, за историјата и културата на мојата татковина. Но, ова лето за нас беше многу тешко. Поради тоа, ова е приказна за едно херојство“, се зборовите со кои турскиот конзул Аџар го започна своето излагање.
Аџар изјави дека се прават обиди Турција да се прикаже како земја во која се кршат човековите права, се врши злоупотреба и лошо постапување, ускратена е слободата на мислењето и на медиумите, како земја во која се врши притисок над курдското население, и додаде дека таквите тврдења се можни во која било земја, но дека Турција сигурно не го одобрува мачењето и лошото постапување.

На прашањето на еден студент во врска со затворените медиуми и притворените новинари во Турција, Аџар изјави дека на наведените медиуми не треба да се гледа како на медиумите „Њујорк тајмс“, „Чикаго трибјун“, и додаде дека причина за нивното затворање не е критикувањето на актуелната власт, туку ширењето на терористичката пропаганда на ФЕТО и ПКК.
„Замислете, дали е можно во Америка еден дневен весник да му даде простор на член на терористичка организација да пишува статија и пофално да пишува за самоубиствениот напад во земјата? Или дали ви доаѓа на ум, на пример, градоначалникот на Орландо да присуствува на погребот на лицето што уби 49 цивили. За жал, тоа се случи во мојата земја и природно, правосудството реагираше“, изјави Аџар.
Тој истакна дека терористичката организација ФЕТО има една од најголемите мрежи на своите образовни институции токму на просторот на САД и годишно остварува добивка од 500 милиони долари.
„Се разбира дека врз основа на остварената добивка во странство ги финансираат своите мрачни активности во Турција”, рече Аџар, и додаде:
„Верувам дека Фетула Ѓулен ќе биде испорачан на Турција”.