Servet Günerigök
11 Октомври 2021•Ажурирај: 12 Октомври 2021
ВАШИНГТОН (АА) - Американска делегација одржа разгвоори со талибанците во Катар во текот на овој викенд, соопшти Стејт департментот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението, портпаролот Нед Прајс изјави дека делегација се состанала со високи претставници на талибанците во главниот град Доха во текот на овој викенд, нивната прва средба по повлекувањето на американските трупи од Авганистан во август.
„Американската делегација се фокусираше на загриженоста за безбедноста и тероризмот и безбедниот премин за американските граѓани, другите странски државјани и нашите авганистански партнери, како и човековите права, вклучувајќи значајно учество на жените и девојките во сите аспекти на авганистанското општество“, рече Прајс.
Двете страни, исто така, разговараа за обезбедување хуманитарна помош од САД директно на авганистанскиот народ.
Делегацијата повтори дека „талибанците ќе бидат следене и за нивните постапки, а не само за нивните зборови“, се вели во соопштението.
Министерот за надворешни работи во привремениот Кабинет на талибанците, Амир Кан Мутаки, изјави дека на состанокот се разгледани билатералните односи меѓу Кабул и Вашингтон, имплементацијата на договорот од Доха, хуманитарната помош и авганистанските средства замрзнати од САД.
„Ние јасно им кажавме дека обидот за дестабилизација на владата во Авганистан не е добар за никого“, рече Мутаки за авганистанската државна новинска агенција Бахтар по разговорите.
Талибанците ја вратија контролата врз Кабул на 15 август, по падот на претходната администрација поддржана од Запад, а нејзините претставници избегаа од земјата зафатена од војна.
Талибанците претходно владееја со Авганистан од 1996 до 2001 година, кога странските сили предводени од САД влегоа во земјата во потрага по Ал Каеда и други милитантни групи.