Elvir Hociç
23 Мај 2017•Ажурирај: 24 Мај 2017
МОСКВА (АА) - Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, денес во Москва го прими хрватскиот колега Давор Иво Стиер, кој престојува во официјална посета на Русија, јавува Anadolu Agency (AA).
Лавров на почетокот на состанокот изјави дека посетата на Стиер се одржува на два дена пред 25-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји. Исто така, тој нагласи дека политичкиот дијалог динамично се развива и оти се работи на јакнење на односите меѓу двете земји.
По состанокот, двајцата министри одржаа заедничка прес-конференција на која Лавров изјави дека во рамките на економската соработка било разговарано и за кризата во хрватската групација „Агрокор“.
Лавров изјави дека не постои политичка заднина во одлуките на руските банки кои се доверители на таа хрватска групација.
Тој исто така изјави дека е можно да се реши и проблемот со контаминирањето на воздухот што во регионот го предизвикува нафтената рафинерија во Босански Брод, која има руски сопственик, а што е причина за повеќемесечните протести и во соседниот хрватски Славонски брод.
Од друга страна, хрватскиот министер Стиер изрази задоволство поради тоа што руската страна добро ги разбира потезите што хрватската Влада ги прави со цел да се стабилизира „Агрокор“.
Шефот на хрватската дипломатија наласи дека почнува нова фаза во односите меѓу Загреб и Москва, по 11 години стагнација.
„Поминаа речиси 11 години од посетата на хрватскиот министер за надворешни работи на Москва. Според тоа, ова што денес го правиме е отворање на нова фаза во дијалогот меѓу Хрватска и Руската Федерација“, изјави Стиер.
Тој изрази особено задоволство поради порастот на бројот на руските туристи во Хрватска.
Двајцата министри разговараа и за состојбата во југоисточниот дел на Европа, особено во БиХ. Стиер истакна дека на Хрватска ѝ е важен отворениот дијалог со Руската Федерација бидејќи таа е многу важен фактор за промовирање мир и стабилност на југоисточниот дел на Европа.
„Имаме заедничко разбирање за тоа дека почитувањето на еднаквоста на трите конститутивни народи е темел на мирот и стабилноста во Босна и Херцеговина“, рече Стиер. И Лавров ја потврди посветеноста на доследното спроведување на Дејтонскитот договор.