Ekipa
26 Август 2019•Ажурирај: 27 Август 2019
ИСЛАМАБАД (АА) - Авганистанските Талибанци денес соопштија дека се блиску до склучување конечен договор со Соединетите Американски Држави (САД), на мировните преговори кои се во тек во Доха, јавува Anadolu Agency (AA).
„Досега, ниту една страна не стигна до крајната точка на преговорите, иако и двете страни се надеваат дека ќе ги завршат разговорите во наредните неколку дена“, изјави за АА Сухаил Шахен, портпарол на Политичката канцеларија на авганистанските Талибанци во Доха.
„САД се согласија да ги повлечат своите трупи од Авганистан и да го решат авганистанското прашање по пат на мир“, изјави Шахен.
Сепак, тој одби да даде детали за временската рамка во која силите на САД ќе ја напуштат земјата.
Деветтиот круг разговори меѓу САД и Талибанците продолжија во четвртокот во Доха со цел изнаоѓање мирно решение за долготрајниот конфликт во Авганистан.
На прашањето дали Талибанците ќе седнат на маса со авганистанската Влада откако мировните преговори со американските официјални претставници ќе бидат завршени, Шахен го повтори ставот на групата, велејќи: „Секако дека ќе разговараме со сите страни во Авганистан. Тоа, исто така, ја вклучува авганистанската администрација, но таа ќе биде една од страните и страна од конфликтот, не како Влада“.
Талибанците одржуваат мировни преговори со САД речиси една година, но одбиваат да ја признаат или да преговараат со авганистанската власт.
Сепак, Талибанците рекоа дека ќе ги повикаат сите авганистански групи да станат дел од Владата, откако ќе се постигне мировен договор со Вашингтон.
„Секако, ние сакаме исламска Влада во Авганистан во која учествуваат сите Авганистанци, од сите етнички заедници, сите сфери на животот, сите групи, така што ќе биде многу силна исламска Влада“, истакна Шахен.
Вчера некои медиуми објавија дека е постигнат договор меѓу САД и Талибанците и дека двете страни се согласиле за воспоставување привремена влада во Кабул. Сепак, специјалниот американски претставник за помирување во Авганистан, Залмај Кализад, и Талибанците подоцна ги одбија овие извештаи.
Претседателските избори во земјата се закажани за 28 септември, но се очекува да бидат засенети од преговорите меѓу САД и Талибанците.
Во саботата, високиот американски дипломат во Кабул, амбасадорот Џон Бас, изјави дека изборите треба да бидат одржани во своето закажано време.
„И мировниот процес и изборите се важни за САД. Мирот е наш најголем приоритет бидејќи исто така е најголем приоритет и за авганистанскиот народ. Секој ден Авганистанците ни велат дека мирот е нивен најголем приоритет“, изјави Бас.