Kasım İleri
16 Јули 2018•Ажурирај: 17 Јули 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп ја нарече Европската Унија (ЕУ) непријател, предизвикувајќи дополнителна загриженост на Европа во пресрет на денешниот историски самит во Хелсинки, јавува Anadolu Agency (AA).
Непосредно пред заминувањето за Финска, каде што денес ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, Трамп за телевизијата CBS (Си-би-ес) рече дека Соединетите Американски Држави (САД) имаат многу непријатели, а дека Путин не го гледа за непријател, туку како ривал.
„Со оглед на тоа што ни го прават во трговијата, сметам дека Европската Унија е непријател. Сега не би го очекувале тоа, но ЕУ е непријател“, рече Трамп.
Истакнувајќи дека Кина е непријател на САД во економска смисла, и дека Русија е непријател по некои основи, Трамп рече дека тоа не значи дека тие се лоши, туку дека се ривали.
На прашањето зошто Европската Унија ја става на врвот на листата американски непријатели, Трамп рече дека повеќето европски земји не ги исполнуваат обврските во Северноатлантскиот сојуз (НАТО).
Трамп нагласи дека денешниот негов состанок со Путин во Хелсинки може да биде многу конструктивен и корисен, но дека тоа не мора да биде така.
Европската Унија внимателно ќе го следи самитот во Хелсинки, а стравува дека Трамп би можел неочекувано да започне да ги зајакнува односите со Русија, а на сметка на американското оддалечување од НАТО.