Riyaz Khaliq Khaliq
20 Октомври 2021•Ажурирај: 22 Октомври 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Турско-германскиот научник Угур Шахин во муслиманскиот свет е прогласен за „Маж на годината“ во годишното издание на Кралскиот центар за исламски стратешки студии (RISSC) со седиште во Јордан, јавува Агенција Анадолија (АА).
На Шахин му беше доделена титулата во изданието „500 највлијателни муслимани“ за 2022 година, за неговата пионерска улога во развојот на вакцината против Ковид-19.
„Вакцината развиена од Шахин и неговата сопруга Озлем Туреџи, кои се основачи на фармацевтската компанија „БајоНТех“, има 95 отсто ефикасност против коронавирусот и стана првиот лек заснован на технологијата мРНА одобрен за човекова употреба“, се вели во изданието.
За вакцината е користена најсовремената мРНА-технологија за која се залагаа Шахин и Туреџи.
„БајоНТех“ потоа почна да соработува со американската фармацевтска компанија „Фајзер“ и нивната вакцина против Ковид-19 е една од најупотребуваните во светот.
Изданието ја прогласи претседателката на Танзанија, Самија Сулуху Хасан, за „Жена на годината“.
Хасан стана првата жена претседател на источноафриканската земја овој март по смртта на нејзиниот претходник Џон Магуфули.
Кралскиот центар за исламски стратешки студии соопшти дека Хасан презел чекори за да поништи „некои од авторитарните политики на починатиот претседател Магуфули“, што се „смета за враќање на демократијата во Танзанија“.
- „Катар - регионален посредник за мир“ -
Катарскиот емир, шеикот Тамим бин Хамад ал Тани е на чело на листата на водечки муслимански лидери, а потоа следуваат кралот на Саудиска Арабија, Селман, иранскиот ајатолах Али Хаменеи, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и јорданскиот крал Абдула.
Под водство на Ал Тани, Катар „се позиционира во улога на регионален посредник за мир“ и „усвои силна позиција за проактивен ангажман преку дијалог со регионалните соседи“, се вели во Кралскиот центар за исламски стратешки студии.
Премиерот на Пакистан, Имран Кан, кој беше „Маж на годината“ за 2020 година, се наоѓа на осмо, а претседателот на Индонезија, Џоко Видодо, на деветто место.