АНКАРА (АА) - Најмалку 1.100 цивили се евакуирани од Украина во последните 24 часа, соопшти вицепремиерката на Украина Ирина Верешчук, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Верешчук на дневниот брифинг објавен на Инстаграм рече дека цивилите се евакуирани во безбедни подрачја преку два хуманитарни коридори.
Истакнувајќи дека тие ќе продолжат да ги евакуираат цивилите од опколениот град Мариупол, вицепремиерката рече дека евакуацијата од североисточниот регион Суми ќе започне денес.
- Нуклеарната централа „Чернобил" -
Верешчук исто така соопшти дека сиот украински персонал од нуклеарната централа „Чернобил“, кој работи во централата повеќе од 600 часови, им ги предал своите должности на 59 луѓе, меѓу кои шест жени, кои се согласиле да ги преземат нивните задачи. Централата е под контрола на руските војници повеќе од еден месец.
„Украина ја загуби контролата врз нуклеарната електрана „Чернобил“ по жестоката битка со руските сили“, рече советникот на украинскиот претседател, Михаило Подољак, на 24 февруари, првиот ден од војната помеѓу Русија и Украина.
На 25 февруари, Државниот инспекторат за нуклеарна регулација на Украина (SINR) објави дека прекумерни нивоа на радијација се откриени во Чернобил откако руските сили ја презедоа контролата врз градот, но руските власти негираа какво било зголемување на радијацијата.
Војната меѓу Русија и Украина, што започна на 24 февруари, наиде на меѓународна осуда, а ЕУ, САД и Велика Британија воведоа строги финансиски санкции врз Москва.
„Во контекст на нуклеарната безбедност, неодговорните и непрофесионални дејствија од страна на руската Војска претставуваат многу сериозна закана не само за Украина туку и за стотици милиони Европејци. Затоа бараме Советот за безбедност на ОН да преземе итни мерки за демилитализирање на зоната околу нуклеарната централа Чернобил и да воспостави специјална мисија на ОН за елиминирање на ризикот од повторување на нуклеарната катастрофа во Чернобил како резултат на дејствијата од руските окупаторски сили“, рече таа.
Верешчук истакна дека руските војници продолжиле да ја милитализираат зоната, додавајќи дека постои голем ризик од оштетување на објектите над енергетската единица бр. 4 на нуклеарната централа по нејзината експлозија во 1986 година.
Таа истакна дека такво оштетување неизбежно би довело до испуштање на значителна количина радиоактивна прашина во атмосферата, што ќе резултира со контаминација на Украина и други европски земји.
„Окупаторите ги игнорираат овие закани и продолжуваат со транспорт и складирање на огромни количества муниција во непосредна близина на нуклеарната централа. Десетици тони ракети, артилериски гранати и минофрлачка муниција секојдневно се транспортираат на неколку стотици метри од нуклеарната централа од страна на руските окупаторски сили преку градот Припјат. Муницијата исто така се складира во гратчето Чернобил, во близина на градот Припјат, недалеку од нуклеарната централа. Стотици тони муниција се чуваат во гратчето Чернобил“, рече таа.
Верешчук исто така предупреди дека големи пожари избувнале во зоната околу „Чернобил“, што може да доведе до серозни последици.
„Меѓутоа, денес е невозможно целосно да се контролираат и да се изгаснат пожарите поради заземањето на зоната од страна на окупаторските сили на Русија. Како резултат на пожарите, во атмосферата се испуштени радионуклиди. Тие можат да бидат разнесени од ветерот на долги дистанци, што е закана за Украина и други европски земји“, рече таа.
Во 1986 година, несреќата која важеше за најлошата нуклеарна катастрофа во светот, се случи во четвртиот реактор на нуклеарната централа „Чернобил“ лоцирана на 16 километри од градот Припјат, изграден во 1970-тите години за работниците на централата.
news_share_descriptionsubscription_contact
