Davit Kachkachishvili
14 Јуни 2022•Ажурирај: 15 Јуни 2022
КИЕВ (АА)
- Давид Качкачишвили
Људмила Ловк, на која во руски бомбардирања и е срушена куќа на имотот во селото Захалчи, во областа на Киев, Украина, веќе неколку недели не ги напушта урнатините, јавува Агенција Анадолија (АА).
Од почетокот на руско-украинската војна, селото Захалчи е едно од местата кои претрпеа најмногу разурнувања од војната.
Ловк (67) се обидува да ги отстрани урнатините од куќата целосно уништена во руските воздушни напади. Таа за AA зборуваше што преживеала и за нападите врз селото кои почнаа на 26 февруари.
Таа рече дека пред војната се занимавала со земјоделство и сточарство, но сега сѐ е уништено.
Ловк останала без куќа, но и уништени се и други делови од имотот.

На почетокот на војната со сопругот се сокрила во засолниште во близина на куќата. Таа додаде дека руските авиони, за кои претпоставуваат дека долетале од правец на Белорусија, извршиле напади на тоа подрачје.
Тврди дека имале можност дури и да ги видат и пилотите со оглед на тоа дека авионите летале ниско.
„Во шумата, тука во близина е погоден воен авион. Веројатно го собориле нашите одбранбени системи“, рече Ловк.
Таа додаде дека на почетокот на војната две недели поминала во засолниште заедно со сопругот.
„Од 26 февруари до 11 март бевме таму. Надвор излегувавме кога нападите ќе престане“, изјави Ловк.

Таа додаде дека по авионите на тоа подрачје се упатиле и воени хеликоптери.
„Подоцна судирите продолжија со употреба на системот за гранатирање“, рече Ловк.
Таа додаде дека по интензивирањето на судирите кон средината на март не било возможно да се остане во селото, па на 11 март низ шумата оделе до безбедните зони и со возило го напуштиле подрачјето.
Ловк со сопругот привремено избегнале во Словачка.
„Таму живее мојот син. Поминавме пат од 1.500 километри. Се вративме пред еден месец“, изјави Ловк.
Бидејќи останале без покрив над главата, привремено престојуваат во домот на нивната ќерка која живее во близина. Секој ден доаѓа до урнатините и размислува за деновите пред војната.
„И покрај сѐ, дојдов тука. Се занимавам со земјоделство во градината пред куќата“, изјави Ловк. Таа посочи дека не може да се обнови целосно уништената куќа, но дека ќе се обиде да ја обнови инфраструктурата пред домот.
Ловк неколку недели не ги напушта урнатините, а сонува да изгради објект во кој ќе може да се смести пред да пристигне зимата.