Yusuf Özcan
03 Октомври 2020•Ажурирај: 04 Октомври 2020
ПАРИЗ (АА) - Од бурата Алекс, што е активна во јужниот дел на Франција, смртно настрада едно лице, 11 лица се водат како исчезнати, а е предизвикана и сериозна материјална штета, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според вестите објавени во француските медиуми, бурата Алекс, што во Франција е активна од четвртокот, предизвикала поројни врнежи од дожд и поплави, особено во југоисточниот дел на земјата и во градот Ница.
Бурата во одредени периоди дуваше со брзина од 186 километри на час, а во подрачјето Финистер, во градот Брест скршила гранка од дрво, што паднала врз велосипедист. Велосипедистот починал откако паднал на патот поради губењето рамнотежа од ударот на гранката.
Францускиот Метеоролошки завод прогласи алармантна состојба во 11 подрачја во земјата, а црвен аларм е прогласен во департманот Приморски Алпи.
Локалните власти побараа од населението, доколку не е потребно, да не ги напушта домовите и да не ги користи возилата.
Најмалку 11 лица се исчезнати во бурата што ја зафати Франција, а повеќе од 60.000 домови останаа без електрична енергија.
Бурата предизвика сериозна материјална штета, а поради настанатата поплава, која урна еден мост, откажани се сите железнички линии во подрачејто на Приморските Алпи.
Раководството на аеродромот во Ница им препорача на патниците да не доаѓаат на аеродромот.
Се очекува поројните врнежи од дожд, кои на одредени подрачја изнесуваа 45 мм на метар квадратен, да продолжат и во наредните два дена.