ОБЕДИНЕТИ НАЦИИ
Бетул ЈУРУК
Извештајот на Обединетите нации (ОН) откри дека терористичката организација ЈПГ/ПКК ги користела училиштата во Сирија како магацини за муниција и дека најмногу деца воини имало во оваа терористичка организација.
Според извештајот на ОН, „Деца и вооружени конфликти“, до кој стигна дописникот на АА, во 2018 година во вооружените конфликти во 20 земји, државите и другите актери ги прекршувале правата на децата, вршеле насилства и сексуални насилства и напаѓале училишта и болници.
Во својот извештај за минатата година, ОН документираа повеќе од 24.000 прекршувања на правата и насилство врз деца во 20 земји.
Исто така според извештајот, забележано е „алармантно“ зголемување на бројот на повреди, што им се припишува на државите и на меѓународните коалиции.
Бројот на деца убиени во воените и конфликтните средини или на оние со инвалидитет достигна рекордно ниво.
Авганистан, со бројка од 3.062 деца, е земја каде што има најголем број смртни случаи и повреди на деца. Од друга страна, воздушните напади изведени во Сирија предизвикаа смрт и повреди кај 1.854 деца.
Според извештајот, евидентирани се повеќе од 1.000 напади врз училишта и болници во 20 земји каде што се водат војни и има конфликти.
Училиштата и болниците биле цел на напади најмногу во Сирија, а режимот и неговите поддржувачи 225 пати нападнале училишта и болници. Исто така и терористичката организација ЈПГ/ПКК организирала напади врз две училишта.
Според извештајот, ДЕАШ, другите вооружени групи во земјата и коалицијата против ДЕАШ, исто така ги напаѓале училиштата и болниците.
- ЈПГ/ПКК ги користи училиштата како магацини за муниција
„Во Сирија, 24 училишта и болници се употребуваат за воени активности“, се вели во извештајот и се додава дека ЈПГ/ПКК користи 14 училишта како магацини за муниција.
Минатата година, најголем број деца воини во Сирија се користени од терористичката организација ЈПГ/ПКК, која го користи името СДГ. Во Сирија, од вкупно евидентираните 806 деца воини, 313 се членови на терористичката ЈПГ/ПКК.
„Четириесет проценти од децата воини на СДГ се девојчиња, од кои 20 отсто се на возраст под 15 години“, се наведува во извештајот и се додава дека 119 од нив активно биле вклучени во конфликтот.
Екстремистичките групи на Тахрир ел Шам, поврзани со Ал-Нусра, во војната користеле 187 деца, а Слободната сириска армија 170 деца.
- Саудиска Арабија веќе 3 години е на црната листа на ОН
Во Јемен, како резултат на судирите, 1.689 деца се убиени или повредени. Саудиска Арабија, која се наоѓа на црната листа на ОН веќе три години поради кршење на човековите права во Јемен, минатата година предизвика смрт и инвалидитет на 729 деца, претежно во воздушните напади.
Хусите пак, според извештајот, се одговорни за смрт и повреда на 398 деца.
- Најмногу деца воини и случаи на сексуално насилство има во Сомалија
Најмногу деца воини во судирите се користени во Сомалија, а бројката изнесува 2.300 деца. На второ место е Нигерија со 1.947 деца воини.
Минатата година регистрирани се 933 случаи на сексуално насилство врз деца. Најмногу такви случаи се евидентирани во Сомалија, 331 случај. Потоа следува Демократска Република Конго со 277 случаи на сексуално насилство.
Минатата година околу 2.500 деца се киднапирани. Најмногу случаи на киднапирања, 1.609, се евидентирани во Сомалија.
Во декември минатата година, од регионите кои претходно биле контролирани од терористичката организација ДЕАШ, 1.248 девојчиња од 46 земји, на возраст помала од 5 години, се доведени во камповите во североисточниот дел на Сирија.
Во Ирак, 902 деца продолжуваат да бидат притворени поради поврзаноста со ДЕАШ.
- Во Палестина најголем број смртни случаи кај децата по 2014 година имало минатата година
Во Палестина, најголем број смртни случаи по 2014 година имало минатата година. Педесет и девет палестински деца се убиени во израелско-палестинските тензии, а 2.756 деца се повредени. Во Израел пак, повредени се 6 деца.
news_share_descriptionsubscription_contact
