АНКАРА (AA) - СЕРДАР АЧИЛ -
Воздушната база „Акинџи“ кај Анкара важи за команден центар од каде што терористичката организација ФЕТО раководеше со минатогодишниот обид за воен удар. Во врска со тоа, во тек е судењето за 486 осомничени лица кои во судницата негираа поврзаност со обидот за пуч и на различни начини го оправдуваа својот престој во воената база на 15. јули, јавува Anadolu Agency (AA).
Судењето се одвива во судницата во кампусот на Казнено-поправниот завод во Синчан, а надлежен е 4. Кривичен суд во Анкара.
Еден од цивилните лидери на минатогодишниот обид за пуч во Турција и директор на компанијата „Кајнак Кагит АС“, Кемал Батмаз, својот престој во воената база „Акинџи“ го правдаше со алиби дека разгледувал земјиште.
Тој додаде дека Харун Биниш, кој имал одреден износ на пари, барал помош при купувањето недвижнини.
„Со Биниш се познавам откако бев во 'Кајнак Холдинг'. Тој работеше во 'Верона комуникации', а јас во 'Кајнак Кагит'. Знаеше дека се занимавам со недвижности. Рече дека има одредена сума на пари, дека ќе купи недвижнини и ме праша дали можам да му помогнам. Реков дека ќе одам во мојот крај, па ќе му помогнам кога ќе поминувам низ Анкара“, изјави Батмаз.
Тој рече дека во текот на ноќта тргнал на пат од Истанбул, а околу пладне на 15. јули дошол во Анкара, каде што се состанал со пријател чие име не сакал да го открие и оти ноќта ја поминал кај него. Со Харун Бинаш, тврди, се состанал на 16. јули во угостителски објект. Од таму тргнале со такси, а кога се упатиле да прашаат за помош, припадниците на безбедносните сили ги привеле.
- Документарен филм за сточарство -
Нуретин Оруч изјави дека во селата во близина на Казан, каде што се наоѓа базата „Акинџи“, дошол за да сними документарен филм за сточарство.
Оруч рече дека откако ја напуштил работата во образованието, се вработил во продукциска куќа. Според неговите зборови, имале снимања за сточарство, послужување животинско месо на манифестациите и слично, во селата во околина на „Акинџи“.
„Казан е близу Анкара, сточарството е развиено, затоа сакавме тоа да го направиме“, изјави Оруч, кој ги отфрли видеозаписите од базата „Акинџи“.
Тој изјави дека на 16. јули користел градски превоз и преку автопатот во Казан дошол во близина на селото каде што требало да има снимање. Оруч наведе дека во куќата го заборавил телефонот, а пасошот го понел поради снимањето на документарен филм во странство.
- Претставување на училиште -
Хакан Чичек, брат на штабниот офицер и лице кое наредбите од челникот на организацијата ги проследувало до штабните офицери, исто така и сопственик на колеџот „Анафарталар“ рече дека во базата „Акинџи“ дошол поради друштвена програма за претставување на училиштето.
На програмата во базата го повикал полковникот Ахмет Озчетин, со кој се запознал во просториите на колеџот „Анафарталар“ на 13. јули.
Чичек изјави дека за време на разговорите со Озчетин, кој му рекол дека е ангажиран во базата „Акинџи“, станало збор за отворање на училиште во Јенимахале.
„Од Озчетин барав помош за пронаоѓање на нови ученици. Ми рече: ‘Јас сум задоволен со училиштето, можам да ви помогнам“, рече Чичек, кој додаде дека му било кажано да организираат друштвена програма во базата.
Чичек одговорил дека се согласува, по што биле договорени деталите за доаѓањето.
„Мојата единствена задача таму беше да ги повикам родителите во нашето училиште. Тоа и го направив“, рече Чичек.
- Работна вечера -
Поранешниот директор на оддел во рамките на турските копнени сили, штабниот полковник Музафер Дузенли изјави дека во ноќта на обидот за воен удар во базата бил за да присуствува на „друштвената активност“.
Тој рече дека неколку дена пред 15. јули од воената линија го повикал некој кој се претставил како мајор Ерен или Емин. Тоа лице, наводно, му кажало дека се јавува од воздушните сили и го повикало да присуствува на вечера на 15. јули, на која освен дружење ќе може да се разговара и за заеднички проекти на копнените и воздушните сили.
Дузенли сметал дека тоа е добра можност за стекнување искуства во важни проекти, поради што ја прифатил поканата.
- Озтурк дошол за да ги види внуците -
Поранешниот член на Врховниот воен совет на Турција (YAS), Акин Озтурк, рече дека по одморот во воениот камп Оздере дошол во Анкара за да ги види внуците и отишол кај ќерката која била сместена во воената населба во базата „Акинџи“.
Озтурк изјави дека сопругата му рекла оти ноќта ќе ја помине таму, поради што околу 21.30 часот по локално време дома испратил чувар, возач и подофицер.
Тој додаде дека потоа подофицерот Исмаил Кескин го повикал и рекол дека дошло до напад на Генералштабот, поради што заштитата повторно ја повикал во базата.
Околу 23.30 часот, Озтурк, според неговите зборови, го повикал генералот на армијата Абидин Унал, кој му рекол дека во Анкара летаат авиони и го прашал дали може да помине во базата и да види што се случува и за тоа да го извести Унал.
Озтурк рече дека потоа се јавил во штабот и му било кажано дека дошло до акција, како и дека него го чека командант поради што од населбата преминал во штабот.
„Во подрачјето на базата никој не ме дочека. Пред зградата на штабот се сретнав со маскирани и вооружени лица, кои ме опкружија и ме однесоа во базниот штаб. Кога дојдов таму, тука се наоѓаа Кубилај Селчук, Омер Фарук Харманџик, а малку подоцна дојде и Мехмет Дисли. Отидов до Хулуси Акар. Го запрашав што се случува, а командантот покажа кон оние што се наоѓаа во собата и ми рече: ‘Ова тие го направија. Разговарај со нив, увери ги. Тие вршат обид за удар’ и така бев запознат со случувањата. Тогаш тие кои се наоѓаа во собата ја напуштија просторијата“, изјави Озтурк.
- Сакал да направи изненадување -
Штабниот полковник Мурат Кочјигит изјави дека во базата „Акинџи“ дошол за да го посети поранешниот штабен полковник Ахмет Озчетин, кој штотуку бил поставен на должност.
Кочјигит тоа што се нашол во базата „Акинџи“ го опиша како „најголема грешка во животот“.
„Дури и кога одам во посета кај мајка ми не јавувам, за да не подготвува нешто посебно. Поради тоа не го повикав ниту полковникот Ахмет во Акинџи, ниту закажав состанок, се навевав дека тоа ќе биде посета за изненадување“, изјави Кочјигит.
Тој рече дека на ручек во угостителскиот објект дошол со воено возило, а келнерот му повикал такси и самиот отишол во базата „Акинџи“.