Dilara Hamit
30 Август 2019•Ажурирај: 31 Август 2019
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, изјави дека повеќе од 17.000 припадници на терористичката организација ФЕТО се отстранети од Турските вооружени сили по неуспешниот обид за државен удар од 15 јули 2016 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Акар нагласи дека Турските вооружени сили продолжиле да зајакнуваат, откако предавниците во нивните редови биле отстранети. Тој изјави дека досега се исклучени 17.498 осомничени, и дека таа практика ќе продолжи сѐ додека ниту еден предавник не ја носи турската воена униформа.
„Од почетокот на оваа година неутрализирани се 676 терористи, 64 во операцијата Канџа 1, 16 во Канџа 2 и 22 во Канџа 3“, изјави Акар, осврнувајќи се на тековните антитерористички операции на Турција во северен Ирак.
„Се надевам дека нашите 82 милиони граѓани ќе се решат од тероризмот. Терористите немаат избор освен да се предадат или откажат“, изјави турскиот министер за одбрана.
Терористите на ПКК често го користат северен Ирак како база за планирање прекугранични терористички напади на Турција.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, којашто се наоѓа на листата терористички организации на Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), е одговорна за смртта на речиси 40.000 луѓе, вклучувајќи и жени и деца.
Терористичката организација ФЕТО и нејзиниот водач, Фетула Ѓулен, стојат зад неуспешниот обид за државен удар во Турција на 15 јули 2016 година, во кој загинаа 251 лице, додека речиси 2.200 лица беа повредени.
ФЕТО стои и зад долгогодишната кампања за рушење на државниот поредок преку инфилтрирањето во турските институции, особено во војската, полицијата и во судството.