Ferdi Türkten,Buket Güven
01 Февруари 2020•Ажурирај: 02 Февруари 2020
АНКАРА (АА) - Во Анкара пристигна авионот во кој се наоѓаат 42 лица, од кои 32 турски државјани, кои се евакуирани од кинескиот град Вухан поради епидемијата на новиот тип коронавирус, јавува Агенција Анадолија (АА).
Воениот товарен авион од типот „A400M“ на Вооружените сили на Турција, кој беше пренаменет во амбулантен авион, по околу 32 часовната операција за евакуација, слета на воениот аеродром „Етимесгут“ во Анкара, и се паркираше на најоддалечената точка меѓу хангарите на овој аеродром.
Вкупно 62 лица кои се наоѓаа во авионот, од кои 42 патници - 32 државјани на Турција, 6 државјани на Азербејџан. 3 државјани на Грузија и еден државјанин на Албанија, како и екипажот, техничката екипа и здравствениот персонал, со 17 амбулантни возила се пренесени во болницата „Др. Зекаи Тахир Бурак“.
Материјалите кои се наоѓаат во авионот ќе бидат изложени на процес на прочистување од страна на експерти по хемија, биологија, радиологија и нуклеарни експерти при Командата на воздухопловните сили. Исто така и авионот ќе биде изложен на процес на прочистување од внатрешната и надворешната страна.
Евакуираните лица ќе бидат под надзор во посебни соби за едно лице 14 дена, и на секои три дена ќе им бидат вршени испитувања.
Сите услуги, вклучувајќи ја и храната, ќе бидат служени во прибор за една употреба, додека сите отпадоци ќе бидат фрлани во посебни вреќи и ќе бидат медицински испитувани.
Во рамки на операцијата за евакуација планирана од страна на Министерството за здравство, овој авион вчера во 12:05 часот тргна од Вухан. Со авионот во Кина беа пренесени и медицински материјали.