Tanju Özkaya
18 Јануари 2019•Ажурирај: 19 Јануари 2019
АНКАРА (АА) - ТАНЖУ ОЗКАЈА -
Меѓу документите пронајдени во работните простории на генералот Синан Сурер, член на т.н. „Совет за мир во земјата“ составен од членовите на терористичката организација ФЕТО, а кој раководел со обидот за пуч на 15 јули 2016 година, е откриен план за поделба на Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
На поделбата на Турција, според пронајдените документи, би ѝ претходела граѓанска војна.
Документите од фајловите пронајдени во канцеларијата на Сурер во просториите на Генералштабот на Турција, по налог на Судот во Анкара се земени на разгледување за време на судењето за обидот за државниот удар.

Според информациите на Судот во Анкара, се работи за документ на вкупно 19 страници, кој вниманието на истражителите го привлече поради ознаката на тајност која на него стоела кога бил пронајден во фиока од работната маса на генералот на пучистите, Сурер.
Во делот на документот со ознака „искучително важно“, се наведува дека е потребно да се вооружи групата на Алевитите во Турција.
„Алевитите се многу корисни во предизвикување долготрајни нереди придружени со вандализам и вооружена борба“, се наведува во документот.
Во документот е истакнат план за предизвикување општ бунт во југоисточниот дел на Турција. Се наведува дека на бунтот би требало да се поттикне курдското население и тој дел на Турција да се одвои од остатокот на земјата.
Во пронајдениот документ е наведено и дека се направени одредени чекори на терен, со цел спроведување на планот.
Терористичката организација ФЕТО во седумдесеттите години на минатиот век почна да ги инфилтрира своите поданици во безбедносните институции на Турција, во осумдесеттите значително ги зајакна своите паралелни структури во тие институции, и на крајот, на 15 јули 2016 година, изврши неуспешен обид за воен удар, со цел рушење на уставниот поредок и соборување на демократски избраната турска власт.
За време на обидот за воен удар во Турција се убиени најмалку 251 лице, а беа повредени 2.200 лица. Турските надлежни институции водат опсежна истрага во судските постапки против оваа терористичка организација.