Abdullah Özkul
18 Ноември 2020•Ажурирај: 19 Ноември 2020
НИДЕ
Најмалку 25 лица се уапсени во седум турски градови во рамките на истрагата против инфилтрираните елементи на терористичката организација ФЕТО во полициските структури на Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во рамките на истрагата која ја спроведува Републиканското обвинителство во Нигде уапсени се 25 лица за кои е утврдено дека се поврзани со терористичката организација ФЕТО.
Девет осомничени, за кои криминалистичката обработка е завршена, ги поминаа лекарските контроли и се проследени на суд.
Акцијата на апсење, освен во градот Ниде, е спроведена во Коња, Кајсери, Адана, Хатај, Анкара и Анталија. Сите уапсени припадници на ФЕТО се претходно суспендирани од полициската служба.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција, ноќта на 15 јули, 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), и чија екстрадиција Турција официјално ја побара од САД.
Припадниците на терористичката организација, со години, преку местење испити напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, членовите на ФЕТО во правосудството на Турција со монтиран процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и неуспешниот крвав обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обид за пуч, што го изведоа офицерите кои ФЕТО ги инфилтрираше во турската војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските функционери. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа околу 2.200 лица.