Yasemin Kalyoncuoğlu
07 Октомври 2017•Ажурирај: 08 Октомври 2017
АНКАРА (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган денес изјави дека е започната нова акција кон сирискиот град Идлиб. Тој изјави дека акцијата моментално ја води опозициската Слободна сириска армија (ФСА) и дека турските војници сеуште не се на тоа подрачје, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган престојуваше во турскиот град Афионкарахисар, каде во своето обраќање изјави дека новата акција за воспоставување на безбедност во сирискиот град Идлиб е започната.
„По просторот кој во нашиот регион го отворивме со офанзивата „ Штитот на Еуфрат“, сега вршиме напори за со еден нов чекор да воспоставиме безбедност и во градот Идлиб. Така на пример денес во Идлиб имаме една сериозна акција и тоа ќе го продолжиме“, порача Ердоган.
Тој додаде дека неговата земја никогаш нема да дозволи долж сириската граница да биде воспоставен терористички коридор со Сирија. „На нашите браќа кои од Алепо побегнаа во Идлиб не можеме да им кажеме или 'останете или умрете'. Ние сме во состојба да им пружиме рака. Го направивме тој чекор и ќе продолжиме. Никогаш нема да дозволиме долж нашата граница со Сирија да се воспостави терористички коридор“, порача Ердоган.
По обраќањето, Ердоган на прашањето на новинарите 'дали турската војска веќе била во Идлиб', одговори: „Моментално акцијата ја спроведува Слободната сириска армија, нашата војска сеуште не е таму“. На прашањето дали турската војска во Идлиб користи сличен метод како и кај офанзивата Штитот на Еуфрат, Ердоган изјави: „Кога ќе влезете во ринг, бројот на удари повеќе не е важен “.