Sarp Özer
08 Март 2022•Ажурирај: 09 Март 2022
АНКАРА (АА) - Министерот за национална одбрана на Турција, Хулуси Акар, во телефонскиот разговор со рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу, изрази очекување за поддршка за безбедно пристигнување во Турција на трговските бродови, кои чекаат на руските пристаништа поради актуелната ситуација, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Министерството за национална одбрана, Акар телефонски разговарал со неговиот руски колега Шојгу.
На средбата, на која се разговарало за последните случувања во Украина, министерот Акар нагласи: „Преговорите меѓу Русија и Украина значително ќе придонесат за воспоставување мир, стабилност и подобрување на хуманитарната ситуација, а со тоа ќе биде можно и трајно решение.“
Наведувајќи дека е важно да се прогласи прекин на огнот во Украина што е можно поскоро за да има мир и стабилност без понатамошни загуби на животи, Акар истакна дека напорите за отворање хуманитарни коридори за евакуација на цивилите се позитивни случувања.
Меѓу другото, во телефонскиот разговор Акар изразил очекување за поддршка за безбедно пристигнување во Турција на комерцијалните бродови кои чекаат на руските пристаништа поради актуелната ситуација.
Министерот Акар уште еднаш нагласи дека Турција е подготвена да направи сè што е во нејзин домен за мирот и хуманитарната помош во регионот, како што го правеше тоа и претходно.