Турција

Спречениот предавнички обид за пуч: Осум години од историскиот отпор на народот на Туркије

Пред точно осум години, терористите на ФЕТО го подигнаа оружјето во предавнички обид да ја соборат легално избраната власт во Туркије

Ekipa  | 15.07.2024 - Обновена : 16.07.2024
Спречениот предавнички обид за пуч: Осум години од историскиот отпор на народот на Туркије

АНКАРА (АА) - Терористичката организација ФЕТО од основањето ги користеше сите средства за инфилтрирање во сите пори на државата Туркије, а на крајот се обиде и да изврши и државен удар во ноќта на 15 јули 2016 година, кога се дешифрирани и откриени сите нејзини противзаконски и предавнички активности кои се водени под плаштот на т.н. „џемат“, пишува Анадолу.

Пред точно осум години, терористите на ФЕТО го подигнаа оружјето во предавнички обид да ја соборат легално избраната власт во Туркије.

Победата на владејачката Партија на правдата и развојот (АК Парти) со освоени 49 отсто од гласовите на општите избори на 1 ноември 2015 година предизвика голема паника во редовите на ФЕТО.

Знаејќи дека Владата, која се врати на власт, со одлуките на Врховниот воен совет (YAS) ќе ги разреши инфилтрираните припадници на ФЕТО во Армијата, оваа терористичка организација беше потресена со тогашната одлука на Главното јавно обвинителство во Измир за наредбата за притвор на таквите војници, вклучително и генерали.

По бројните заговори како што е случајот со масовното прислушување на највисоки функционери, повикувањето на сослушување на челникот на Националната разузнавачка служба (MIT), Хакан Фидан, запирањето на камионот на МИТ во јужниот дел на Туркије, ФЕТО сфати дека повеќе не може да ја натера Владата на Туркије да направи чекор назад, па реши да изврши државен удар како последно средство.

- Наредбата за предавство дојде од водачот на ФЕТО -

Водачот на терористичката организација ФЕТО, Фетула Ѓулен, на 19 март 2016 година застана пред камерите и испрати пораки за кои подоцна е утврдено дека биле упатени до оние кои го организирале обидот за воен пуч.

Имено, тој рече дека зборува 'во име на жителите на Кападокија', а истрагата утврдила дека овој код се однесувал на војниците кои го извршија обидот за државен удар на 15 јули.

Според ова упатство на терористичкиот водач, припадниците на цивилниот и воениот огранок на ФЕТО ги завршиле подготовките за пучот низ Туркије и почнале да го чекаат часот на извршување, кој требало да биде во 3:00 часот на 16 јули 2016 година.

Меѓутоа, неколку часа пред обидот за предавство, главниот пилот на хеликоптер отишол во Дирекцијата на Националната разузнавачка организација (МИТ) и соопштил дека припадниците на ФЕТО планираат да го приведат шефот на МИТ, Хакан Фидан.

Тогашниот шеф на МИТ, денеска министер за надворешни работи, Фидан, оваа информација му ја пренел на тогашниот втор началник на Генералштабот, генерал Јашар Ѓулер, а потоа го испратил својот помошник во Генералштабот за да ги пренесе деталите.

По разговорот со претставникот на МИТ, генералот Ѓулер му ја пренел содржината на средбата на тогашниот началник на Генералштабот, генерал Хулуси Акар.

Потоа генералот Акар му нареди на Оперативниот центар на Турските вооружени сили да ги врати леталата во базите и да го затвори воздушниот простор за летови.

Освен тоа, Акар му наредил на командантот на 4-от Корпус, генерал-полковник Метин Гурак, да го спречи распоредувањето на оклопни возила од Командата и Дивизијата за обука на оклопните единици Етимесгут, а тогашниот командант на Копнената војска, генерал Салих Зеки Чолак, го испратил во Копнената авијација за да ги спречи летовите со хеликоптери.

- Пучистите го заробија Акар -

Истовремено, поранешниот шеф на Кабинетот на генералот Ѓулер, штабниот потполковник Буњамин Тунер, му пренел на поранешниот началник на Одделот за планирање и управување со персоналот на Генералштабот, бригадниот генерал Мехмет Партигоч, дека началникот на МИТ, Фидан, разговарал со Акар.

Почнаа да кружат информации меѓу пучистите дека Чолак отишол во Командата за копнена авијација по средбата меѓу Акар и Фидан.

Потоа обидот за државен удар, кој беше планиран да започне во 3:00 часот на 16 јули, беше преместен во 20:30 часот на 15 јули со одобрение на Адил Оксуз и другите цивилни водачи на ФЕТО кои го предводеа државниот удар во воздухопловната база „Акинџи“.

Веднаш по издавањето на наредбата за обидот за државен удар, 33 припадници на „бордо беретки“ со одбранбена опрема од Командата на специјалните сили (ОКК) се собраа во воздухопловната база „Акинџи“ и тргнаа кон Генералштабот.

Поранешниот началник на Одделот за стратегија на Генералштабот, генерал-мајор Мехмет Дишли, главниот советник на началникот на Генералштабот, полковник Орхан Јикилкан, бригадниот генерал Мехмет Партигоч и началникот на Генералштабот, полковник Рамазан Ѓозел, се собраа да организираат обид за државен удар во Генералштабот.

„Команданте, операцијата почнува, сѐ ќе водиме, баталјоните и бригадите се на пат, ќе видите наскоро“, ова се зборовите што на Акар му ги кажал Дишли и така му го најавил државниот удар.

„За што зборуваш? За која операција? Дали си ти манијак? Да не си се осмелил“, одговорил Акар на зборовите на Дишли.

Сфаќајќи дека не може да го убеди Акар, Дишли му наредил на тимот што чекал пред канцеларијата да интервенира.

Ѓозел, Јикилкан, поранешниот потполковник Левент Туркан, поранешниот капетан Сердар Текин и поранешниот наредник-мајор Абдула Ердоган го заробија генералот Акар.

- Известувањето за предавството испратено до штабот -

По упатството на пучистите во штабот, командантот на 58-та Артилериска бригада, поранешниот бригаден генерал Мурат Ајгун, стациониран во Полатли, наредил возилата, вклучително и ракетните фрлачи, да бидат распоредени од касарната за да ја преземат контролата врз клучните точки во Анкара.

Првото известување за обидот за предавство, насловено како „Подготвително предупредување и распоредување на единицата“, беше испратено преку системот за дистрибуција на пораки и документи на Генералштабот (MEDAS).

Пучистите преку МЕДАС на војниците им го доставија таканаречениот Список на воени задачи и назначувања.

По оваа порака, пучистите преку истиот систем издадоа уште една наредба за „Воведување борбени оклопни возила“ за заземање на клучните патишта и раскрсници во градовите и јавните институции.

Пучистите, испраќајќи пораки една по друга преку МЕДАС, им наредиле на војниците надвор од касарните да им се придружат на своите трупи во 21:53 часот.

Постапувајќи по ова, пучистите го зазедоа Центарот за координација во случај на катастрофи (АКОМ) во Кагитане, познат како „окото на Истанбул што гледа“.

Булент Ајдин, телохранителот на командантот на Копнената армија, Чолак, беше убиен од пучистите во Генералштабот и е познат како прв загинат херој на 15 јули.

- Блокада на мостовите -

Борбените авиони Ф-16 полетаа од воздухопловната база „Акинџи“ и почнаа да летаат исклучително ниско над Анкара.

Информативните канали известија за воените активности во 22:28 часот.

Телевизиите објавија „флеш вести“ дека војниците ги блокираа истанбулските мостови преку Босфорот, поточно мостот „Богазичи“ и мостот „Фатих Султан Мехмет“.

Тогашниот премиер на Туркије, Бинали Јилдирим, се јави на телевизиската програма на НТВ во 23:02 часот.

„Владата што ја претставува нацијата е на својата должност. Оние кои го направија овој обид, оние кои го направија ова лудило, оние кои се вмешани во овој незаконски чин ќе ја платат највисоката цена“, рече Јилдирим.

Главното јавно обвинителство во Анкара започна истрага за обид за пуч во 23:05 часот.

- Пилотите пучисти ги опсипуваа градовите со бомби -

Пилотите пучисти Мехмет Четин Каплан и Ертан Корал го бомбардираа Одделот за воздухопловство на Генералниот директорат за безбедност во Голбаши. Во нападот загинаа седум полицајци, а пет беа ранети.

Во 00:01 часот, поранешните пилоти капетани Угур Узуноглу и Хусеин Турк го нападнаа Одделот за специјални операции на Генералната дирекција за безбедност во Голбаши. Еден цивил и 43 полицајци загинаа, а 36 полицајци беа ранети.

Хеликоптерите контролирани од пучистите го скенираа комплексот на МИТ во Јенимахале.

Поранешниот потполковник Умит Генчер ја презеде ТРТ и го прочита прогласот за пучот.

- Изјавата која го промени текот на ноќта -

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се појави на програмата на „Си-ен-ен турк“ во 00:24 часот и одржа историски говор кој го смени текот на обидот за пуч.

„Ја повикувам нашата нација на плоштадите“, рече Ердоган.

Во пукањето врз граѓаните кои демонстрираа против пучистите пред седиштето на Генералната команда на Жандармеријата, загинаа девет лица, а десетици беа ранети.

Пилотите пучисти Мехмет Јурдакул и Илхами Ајгул ја бомбардираа Дирекцијата за безбедност во Анкара во 00:56 часот.

Десет минути подоцна, поранешниот пилот Мустафа Озкан по втор пат го бомбардира местото. Во нападот две лица загинаа, а 39 се повредени.

- Халишдемир го застрела пучистичкиот генерал -

Авионот на пучистичкиот бригаден генерал Семих Терзи, кој полета со специјалци од Дијарбакир, слета на аеродромот „Етимесгут“ во 1:13 часот.

Тогашниот командант на специјалните сили, генерал-полковник Зекаи Аксакали, успеал телефонски да дојде до командантот Омер Халишдемир и да побара од него да го неутрализира пучистичкиот генерал Терзи.

Терзи, кој со војниците под негова команда дојде во Командата на специјалниот авијациски полк „Етимесгут“, со хеликоптер отиде во штабот во Голбаши за да ја преземе командата на специјалниот одред на ОКК во 2:14 часот.

Него на влезот од штабот го пречека и го застрела Халишдемир, кој го заслужи епитетот херој на турската нација.

Халишдемир е застрелан во огнот што го отвори Терзи и некои од војниците кои дојдоа со него од Дијарбакир.

- Бомбардирање на Парламентот -

Убиени се 36 граѓани кои протестираа против обидот за пуч пред Генералштабот. Пучистите ги влечеа телата на некои од загинатите по земја и ги оставаа пред штабот.

Пучистите, кои со сите средства се обидоа да го скршат отпорот на граѓаните, ја бомбардираа и зградата на Големото народно собрание на Република Туркије. Нападот со авионот Ф-16 го извршија поранешните пилоти Хасан Хусну Баликчи и Угур Узуноглу, а во нападот беа ранети 32 лица.

Пилотот пучист Хусеин Турк фрли четири бомби врз објектите на ТУРКСАТ во периодот од 3:14 до 3:19 часот со цел да го прекине телевизискиот пренос.

Како што одминуваа часовите, луѓето кои ги полнеа плоштадите и улиците на поканата на претседателот Ердоган предизвикуваа сѐ поголема паника кај пучистите.

Веднаш откако полициските тимови за специјални операции ја ослободија контролната кула од пучистите, авионот на АТА со турскиот претседател Ердоган слета на аеродромот „Ататурк“ во Истанбул, каде што беше пречекан од илјадници граѓани.

По случувањата во Истанбул пучистите повторно ја бомбардираа зградата на турскиот Парламент.

Поранешниот пилот капетан Хусеин Турк го гаѓаше Парламентот со авион Ф-16 во 3:24 и 3:25 часот.

Во екот на борбата што против пучистите ја водеа граѓаните на улиците и патриотските војници во касарните, во 4:00 часот, Главното јавно обвинителство во Анкара донесе одлука за притворање на членовите на правосудството поврзани со ФЕТО, членовите на таканаречениот Совет за мир во татковината и учесниците во обидот за пуч.

- На хоризонтот се гледаше крајот на патот на пучистите -

Во 6:19 часот, поранешниот пилот поручник Муслим Маџит фрли две бомби на раскрсницата пред Претседателскиот комплекс во Анкара. Во нападот се убиени 15 граѓани, а седуммина беа ранети.

Началникот на одделот ТЕМ, Тургут Аслан, и неговиот телохранител Хасан Ѓулхан, кои беа приведени во Генералната команда на жандармеријата, беа изнесени од зградата со врзани раце и врзани очи, а пучистот поранешен полковник Еркан Окрем ги застрела во главата. Аслан беше тешко ранет, а Ѓулхан беше убиен.

Премиерот Јилдирим го овласти генерал-полковник Зија Кемал Кадиоглу да ги соборува авионите кои летаат под контрола на пучистите.

Сфаќајќи дека обидот за соборување на легитимната власт во Туркије е неуспешен, пучистите на мостот „Богазичи“ во Истанбул им се предадоа на турските сили.

Во 8:26 часот началникот на Генералштабот, Акар, кој беше заробен од пучистите, со хеликоптер од воздухопловната база „Акинџи“ беше префрлен во палатата „Чанкаја“.

По наредба на турскиот претседател Ердоган и тогашниот министер за национална одбрана Фикри Ишик, гаѓана беше главната писта на воздухопловната база „Акинџи“ за да се спречи понатамошното дејствување на авионите во рацете на пучистите.

Во 12:57 часот премиерот Јилдирим се обрати до јавноста и рече дека обидот за пуч е сузбиен. На прес-конференцијата присуствуваа и министерот Ишик и генералот Акар.

На тој начин, предавничкиот обид за државен удар во Туркије беше спречен под водство на претседателот Ердоган, благодарение на напорите на нацијата и патриотските безбедносни сили на земјата.

Турскиот народ, кој покажа пример што ретко се гледа во историјата на отпорот кон пучистите, во таа темна ноќ се грижеше за независноста и иднината на својата земја.

Истрагата утврди дека во обидот за пуч биле користени околу 9.000 припадници на воениот персонал, 35 авиони, 37 хеликоптери, 246 оклопни возила, вклучувајќи 74 тенкови и речиси 4.000 парчиња лесно оружје.

Од цивилите, полицајците и војниците кои се бореа во таа темна ноќ за Туркије да излезе на светлината на денот, животите како шехиди ги положија 251 лице, од кои 150 во Анкара, 99 во Истанбул и двајца во Мугла.

- ФЕТО како опасност за сите земји во кои дејствува -

Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Туркије ноќта на 15 јули 2016 година.

Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој престојува во Соединетите Американски Држави, чија екстрадиција Туркије официјално ја побара од САД.

Припадниците на оваа терористичка организација со години напредуваа во службата со местење испити, со што се инфилтрираа во институциите на државата. Потоа, прво во декември 2013 година, поддржувачите на ФЕТО инфилтрирани во судството на Туркије се обидоа да гонат голем број високи функционери со монтирани судски процеси за наводна корупција.

Неколку години подоцна следуваше крвавиот обид за државен удар од страна на терористите на ФЕТО, односно обидот за државен удар извршен од офицерите што ФЕТО ги инфилтрирал во турската Армија.

Истрагата за терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа што претставува опасност не само за Туркије туку и за секоја друга земја во која е активна. Во повеќе наврати на ова укажаа и турските власти.

За време на обидот за државен удар во Туркије животот го загубија 253 лица, а повеќе од 2.730 беа повредени.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın