Zehra Ulucak
05 Мај 2018•Ажурирај: 06 Мај 2018
АНКАРА (AA) - Гласноговорникот на Министерството за надворешни работи на Република Турција, Хами Аксој, реагираше на изјавите на гласноговорничката на американскиот Стејт департмент, Хедер Нојерт, која изјави дека на локалното население не му се дозволува враќање во Африн, кој е ослободен во текот на операцијата „Маслинова гранка“, јавува Anadolu Agency (AA).
Аксој во писмена изјава ги прокоментира зборовите на Нојерт, која пред два дена на конференција за новинарите изјави дека на жителите на Африн не им се дозволува да се вратат во своите домови.
Тој порача дека Нојерт даде „неспретна изјава бидејќи е под влијание на терористичка кампања на клеветење на операцијата Маслинова гранка“.
„Пред сè, оние кои го спречуваат враќањето на жителите на Африн во своите домови се токму терористите на ПЈД/ЈПГ. Оваа терористичка организација води пропаганда против Турција. Освен тоа, бројни мини и експлозивни направи кои ги постави во Африн особено го отежнуваат враќањето на жителите на Африн. Турција продолжува со напорите за состојбата во Африн да биде нормализирана и локалното население да може на безбеден начин да се врати во своите домови“, порача Аксој.
Исто така, додаде дека се неосновани тврдењата за „сериозна загриженост" околу хуманитарната ситуација во Африн, и нагласи:
„Вистинскиот извор на загриженост на северот на Сирија е фактот што земјите кои ги сметаме за наши сојузници, соработуваат со терористите на ПКК/ПЈД/ЈПГ.“
Потсети дека Турција е земја која со операцијата „Маслинова гранка“, покажа дека таа може да се води без да им се нанесува штета на цивилите.