Serdar Açıl,Barış Kılıç
21 Ноември 2016•Ажурирај: 22 Ноември 2016
АНКАРА (АА) - Државното обвинителство во Анкара на медиумите им претстави фотографии на шест пребегнати офицери на турската војска, кои се осомничени за учество во неуспешниот обид за воен удар, кој во Турција на 15 јули го изврши терористичката организација ФЕТО, јавува Anadolu Agency (AA).
Станува збор за пребегани офицери на Копнената воена академија, а на медиумите им се претставени фотографии по распишување потерница по нив.
На фотографиите се полковникот Атакан Адасоглу, полковникот Илхам Полат, потполковникот Саит Тосун, капетанот Омер Ергенекон, капетанот Абдула Бејазкурк и капетанот Ѓувен Ѓунинди.
Капетанот Ергенекон е виден на снимките за време на обидот за пуч како се обидува да го уништи видео надзорот во Копнената воена академија, а сопругата на полковникот Полат,Сузан Полат, е разрешена судијка која исто така се сомничи за членство во терористичката организација ФЕТО.
Одделот за истраги за загрозување на уставниот поредок при Обвинителството во Анкара досега во рамките на истрагата за јулскиот обид за воен удар во Турција, уапси вкупно 4.553 турски армиски офицери.
Во тек е потрагата по вкупно 154 осомничени војници, кои исто така се товарат за учество во предавничкиот обид за пуч.
Меѓу пребеганите офицери се наоѓаат и тројца генерали на Командата на копнените сили на турската војска, тројца адмирали на турската морнарица и генералот на воздушните сили.
Од копнените сили во бегство се 100 офицери, 12 подофицери, потоа 18 офицери и девет подофицери на морнарицата, и четворица офицери и подофицери на воздушните сили.