Tanju Özkaya,Serdar Açıl
19 Јуни 2019•Ажурирај: 20 Јуни 2019
АНКАРА (АА) - ТАНЖУ ОЗКАЈА/СЕРДАР АЏИЛ -
Судот во Анкара утре ќе донесе пресуда во случајот за 224-те обвинети кои се опфатени со заедничко обвинение за случувањата во зградата на Генералштабот на Турција, во Анкара, за време на обидот за пуч на 15 јули 2016 година, меѓу кои се наоѓаат и членови на раководното тело на терористичката организација ФЕТО, таканаречено „Совет за мир во татковината“, јавува Anadolu Agency (AA).
Зградата на Генералштабот на турската Војска во Анкара е една од клучните локации во ноќта на обидот за пуч, од каде што членовите на споменатиот „Совет за мир во татковината“ управуваа со целиот процес.
Поранешниот генерал-полковник, Илхан Талу, генерал-мајорот Мехмет Партикоч, генералот Мехмет Дишли, полковниците Џемил Турхан, Доган Озтурк, Орхан Јикилкан, Осман Кардал и Рамазан Ѓозел на 15 јули до утринските часови од зградата на Генералштабот раководеле со обидот за пуч.
За да се спротивстават на пучистите, таа ноќ пред зградата на Генералштабот се собраа голем број турски граѓани, меѓу кои ноќта имало најмалку 11 загинати.
Во кругот на Генералштабот пучистите го убија подофицерот Булент Ајдин, кој бил во придружба на командантот на Копнените сили, Салих Зекил Чолак. Ајдин воедно е и првата жртва на обидот за пуч на 15 јули.
Против припадниците на терористичката организација ФЕТО, за одговорните од обидот за државен удар во Турција, вклучувајќи ги и членовите на „Советот за мир во татковината“, подготвено е заедничко обвинение на 2.581 страница, кое на 3 март 2017 година е предадено на 17. Тежок кривичен суд во Анкара.
Обвинетите се товарат за низа тешки кривични дела, меѓу кои членство во терористичка организација и кршење на уставниот поредок.
Против поранешниот заповедник на Воздушните сили на Турција, генералот Акин Озтурк, и другите членови на Советот за мир во татковината, главниот обвинител побара 252 казни доживотен затвор.
Досието на обвинението содржи најмалку 2.386 подносители на жалби, меѓу кои се и турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, министерот за одбрана, Хулуси Акар, како и голем број граѓани на Турција, кои се повредени во текот на ноќта на 15 јули. За време на процесуирањето се сослушани 235 сведоци.
Терористичката организација ФЕТО/Паралелна државна структура (ФЕТО/ПДЈ) во седумдесеттите години од минатиот век започна да ги инфилтрира своите поданици во безбедносните институции на Турција, за да ги зајакне значително своите паралелни пирамиди во рамките на тие институции во осумдесеттите години, и на 15 јули 2016 година да го изведе неуспешниот обид за воен удар, со цел рушење на уставниот поредок и соборување на демократски избраната власт во Турција.
Во текот на обидот за воен удар во Турција убиени се 251 лице, а ранети околу 2.200 лица. Турските надлежни институции започнаа опсежна борба против таа терористичка организација, на чие чело е Фетула Ѓулен.