Oktaj Omeragikj
21 Март 2025•Ажурирај: 22 Март 2025
Полициски екипи по наредба на Основното јавно обвинителство Кочани спроведуваат акција во врска со постапката за пожарот во клубот „Пулс“. Според првичните информации, приведени се поранешните градоначалници на Кочани, Николчо Илиев и Ратко Димитровски, и градоначалникот во оставка, Љупчо Папазов, пренесува Анадолу.
Вечерва со соопштение се огласи Јавното обвинителство информирајќи за спроведување акција на приведување лица за кои постои основано сомнение дека се инволвирани во пожарот што избувна во дискотеката „Пулс“, во кој животот го загубија 59 лица, а над 170 беа повредени. ОЈО најави дека со повеќе информации ќе излезе во текот на утрешниот ден.
Актуелниот градоначалник Љупчо Папазов беше сослушан од обвинител во ОЈО Кочани на 17 март. Обвинителството по завршувањето на распитот на Папазов најави дека дополнително ќе биде донесена одлука за неговиот натамошен статус во постапката.
„Извршен е распит на градоначалникот кој даде определени појаснувања и сознанија. Таквиот исказ се споредува со доказниот материјал и надлежностите на Општината, по што ќе биде донесена одлука за неговиот натамошен статус во постапката“, информираа од ОЈО по сослушувањето на Папазов.
Ратко Димитровски беше градоначалник на Кочани во периодот 2009-2017 година, додека Николчо Илиев во периодот 2017-2021 година.