Ekipa
09 Јули 2021•Ажурирај: 12 Јули 2021
ЧИКАГО (АА) - Фармацевтската компанија „Фајзер“/„БајоНТех“ планира од американската Агенција за храна и лекови (ФДА) да побара одобрување за аплицирање на третата доза на нејзината вакцина против Ковид-19, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Произведувачите на вакцините започнаа да ја истражуваат ефикасноста на третата доза уште во февруари, како начин на заштита од повеќе варијанти на Ковид-19.
Дополнителната доза не е насочена конкретно на ниту една варијанта на коронавирусот, а американските здравствени власти потврдија дека моментално достапните вакцини на пазарот штитат од рапидно растечката варијанта Делта, откриена во Индија.
Меѓутоа, од компанијата „Фајзер“/„БајоНТех“ велат дека виделе охрабрувачки податоци дека нивната трета доза, генерално, обезбедува поефикасна заштита од Ковид кога се администрира во рок од шест месеци од втората доза.
Компанијата „Фајзер“ вчера објави дека работат на развој на вакцина која би била насочена кон варијантата Делта, во случај да биде потребна и дека клиничките испитувања ќе започнат во август.
Некои експерти од индустријата предупредија дека профитот може да биде мотивирачки фактор за компаниите кои сакаат ФДА да одобри нови вакцини.
Сепак, од „Фајзер“ ја посочија ситуацијата во Израел, наведувајќи дека во таа земја процесот на вакцинација започнал порано и е поефикасен отколку во многу други земји. Седум месеци подоцна, се чини дека ефикасноста на вакцината опаѓа со ширењето на варијантата Делта. Во меѓувреме, израелската Влада повторно воведе задолжително носење маска во затворен простор.
Во САД претставува проблем неодлучноста за вакцинирање во комбинација со варијантата Делта, која може да биде попренослива и поопасна и стана доминантен сој во земјата.