Abdulkadir Günyol
02 Април 2020•Ажурирај: 03 Април 2020
ИСТАНБУЛ
- Абдулкадир ЃУНЈОЛ
Поради рестриктивните мерки воведени по појавата на коронавирусот, многу луѓе во светот се принудени да останат во своите домови, од каде што многумина од нив преку интернет ги завршуваат своите работни обврски, го следат наставниот процес и се занимаваат со физички активности, јавува Агенција Анадолија (АА).
Истражувањата покажуваат дека никогаш досега луѓето толку време не поминувале онлајн и на своите компјутери и мобилни телефони.
Многумина луѓе низ светот, чија природа на работа им дозволува, своите работни активности продолжуваат да ги извршуваат оддома, а исто така, и многу ученици и студенти во светот продолжуваат наставниот процес да го следат преку интернет.
Исто така, многу повеќе се користат социјалните мрежи преку кои луѓето одржуваат контакт со роднините и пријателите, но и каде што поминуваат многу време со некои други активности.
Според опсежната анализа која ја направи магазинот „Бизнис тудеј“ (Business Today), 75 отсто од корисниците на социјалните мрежи поради коронавирусот започнаа многу повеќе време да поминуваат на Фејсбук, Твитер и Ватсап.
Истражувањето спроведено во Индија покажа дека корисниците во просек дневно поминуваат повеќе од четири часа на социјалните мрежи, што е повеќе за 87 отсто во однос на периодот пред епидемијата на коронавирусот.
Многу компании, но и државни институции и организации, преку интернет одржуваат видеоконференции за да не прекинуваат со работата, а само во периодот од 14 до 21 март апликацијата за видеоконференции во „продавниците“ за апликации, „App Store“ и „Google Play“ е симната 62 милиони пати, што е повеќе за 45 отсто во однос на претходната недела.
По апелот „Останете дома“, значајно се зголеми и интересот на корисниците за платформи за дигитално емитување на телевизиски и радиосигнал.
Исто така, многу новинари и репортери ја извршуваат работата од своите домови, репортажите и интервјуата со соговорниците ги реализираат преку интернет, и многу телевизиски куќи по појавата на коронавирусот многу повеќе го користат методот на работа преку видеоконференција.
Како последица на појавата на пандемијата нагло се зголемија и нарачките преку интернет, како и интернет-продавниците.
„Амазон“, познатата американска компанија за електронска трговија, соопшти дека и кај нив по избивањето на Ковид-19 има зголемување на нарачките преку интернет. Оттаму дури најавија и дека ќе вработат додатен персонал од 100.000 лица во САД за да ја задоволат растечката побарувачка за купување преку интернет.
Образованието е исто така еден од секторите најмногу погодени од пандемијата поради што многу ученици и студенти продолжуваат да ја следат преку интернет или телевизија.
Се проценува дека во земјите кои се погодени со коронавирусот се наоѓаат над 1,5 милијарда ученици и студенти, од кои големо мнозинство наставата ја следат оддома.
Глобалната пандемија погоди многу сфери од животот, а меѓу нив се и културата и уметноста, каде исто така, лицата вработени и ангажирани во овие дејности донекаде се адаптираа на новите услови, па често концертите и претставите се прикажуваат преку интернет.