Ериета Гајтани, уметница од Тирана, која камењата ги претвора во уметнички дела
- Гајтани своите мозаици ги изработува само од камења собрани на албанското крајбрежје
ТИРАНА (АА) - ФАТЈОН ЦУКА - Една уметница во Албанија претворањето на камењата во уметнички дела ја направи „трагач“ по камења во албанските градови и брегови, кои ги собира за своите творби.
Ериета Гајтани е посебна уметница на мозаик, која живее во Тирана, а своите дела ги прави само со камења собрани на албанското крајбрежје.
Работната средина е нејзиниот дом, кој го претвори во студио и изложбено место за десетици камени дела, кои ги изработува веќе осум години.
Таа го натерала каменот да „зборува“ преку мозаиците што отсликуваат различни теми, фокусирани на природата, уметноста, културата, културните споменици и друго.
Гајтани за Анадолу вели дека уште во осумгодишното основно училиште почнала да се занимава со сликарство и ликовна уметност.
„Моите почетоци со ликовната уметност се од основното училиште, кога бев мала. Всушност, тоа е страст што ја негува моето семејство. Мозаикот го нареков уметност на болката. Ова се роди откако ми се случија несреќи во семејството“, вели таа.
Гајтани, страсна за уметноста на мозаиците, вели дека камењата на албанското крајбрежје отсекогаш ја привлекувале затоа што, според неа, се прекрасни.
„Почнав да собирам камења со идеја да направам нешто убаво со нив, а потоа тоа ми се претвори во работа, страст, нешто што не можам да го избегнам, што го сакам. Верувам дека до крајот на животот ќе продолжам со мозаикот“, нагласува таа.
Гајтани вели дека одлучила да прави мозаици со камења или во некои случаи со школки собрани на албанското крајбрежје, почнувајќи од Драч, Саранда, Химара или Дерми, но и во Шенѓин и Велипое.
„Се обидов да ги допрам историјата, традицијата, културното наследство, апстрактот, природата. Впрочем, самиот камен е природа, самиот камен е дел од природата“, вели таа.
Некои од делата и една од изложбите каде што Гајтани ги изложи своите творби ѝ се посветени на Тирана, како што се историјата, културните споменици, култните предмети и уметноста на главниот град.
Во зависност од обликот и големината на мозаиците, Гајтани посочува дека нивното реализирање трае од една недела до три месеци.
„Го избрав каменот затоа што во моите почетоци видов дека многу го сакам и со реализацијата на моите дела со камен велам дека и каменот многу ме сака“, вели таа.
Претворајќи ги камењата во уметнички дела, Гајтани на крајот нагласува дека ќе продолжи со својата страст.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.