Arife Yıldız Ünal
22 Октомври 2018•Ажурирај: 24 Октомври 2018
АНКАРА (АА) - Новиот аеродром во Истанбул, чија прва фаза на 29 октомври ќе ја отвори турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, ќе содржи голем број карактеристики по кои ќе биде препознатлив во светот, било да станува збор за големината, инфраструктурата, безбедносните системи или за дизајнот, пишува Anadolu Agency (AA).
Компанијата „Istanbul Grand Airport (IGA)“, основана во октомври 2013 година, пет години работи на реализација на овој мегапроект.
За отворање на првата фаза, која ќе опслужува 90 милиони патници годишно, се инвестирани шест милијарди евра.
Аеродромот е изграден на вкупна површина од 76,5 милиони квадратни метри, а другите фази би требало да бидат завршени до 2023 година. За изградбата на аеродромот, кој ќе биде еден од најголемите во светот, се ангажирани околу 10.000 лица.

По завршувањето на работата, аеродромот ќе содржи шест одвоени писти, ќе има капацитет за 500 авиони, паркинг од отворен и затворен тип со капацитет од 70.000 возила и годишно ќе опслужува околу 200 милиони патници.
Откако аеродромот ќе биде ставен во функција, компанијата за 25 години би требало да исплати 26 милијарди евра кирија, вклучувајќи и данок, односно околу 1,1 милијарди евра годишно.
Во првата етапа се планирани дневно пет слетувања, а исто толку и полетувања. Планирани се летови кон Анкара, Измир и Анталија во земјата, односно кон Турската Република Северен Кипар и Азербејџан, кои ќе бидат први меѓународни летови.
Се очекува на аеродромот дневно да полетуваат и слетуваат 2.000 авиони, кон повеќе од 350 дестинации, а своите услуги ќе ги нудат 250 авиокомпании.
Новиот аеродром, уште пред отворањето доби неколку награди, па може да се очекува тој тренд да продолжи и во иднина.
Зградата на аеродромскиот терминал ќе се простира на 1,3 милиони квадратни метри и ќе биде меѓу најголемите во светот. Надворешниот и внатрешен изглед се инспирирани со мотиви на турската архитектура.
Новиот аеродром во Истанбул ќе биде поврзан и со железницата до центарот на градот, а работите на краците и понатаму траат. Потпишани се и договори со лиценцирани такси-превозници кои ќе почитуваат низа стандарди за пружање услуги.
На аеродромот ќе биде користена и најнова технологија, а ќе бидат поставени и подни радари.
Движењата ќе бидат уочени на растојание од 2,5 километри. На секои 60 метри ќе се наоѓа фиксна камера, на секои 360 метри ПТЗ-камери, на 720 метри термални камери и фибероптички сензори. На два пункта ќе се наоѓаат припадници на безбедносните сили.
На 9.000 паметни камери поставени на терминалот и паркинзите се инсталирани осум профили на сомнително однесување. Оние што имаат еден од нив, ќе бидат веднаш детектирани.
Поставени се и системи за распознавање регистерски ознаки, односно инфраструктура за скенирање лица.