Ekipa
04 Октомври 2017•Ажурирај: 05 Октомври 2017
ДЕИР ЕЗ-ЗОР/ АНКАРА (АА) - Терористичката организација ПКК/ПЈД напредуваше во сирискиот град Деир ез-Зор, кој е под контрола на терористите на ДЕАШ, и ја презеде контролата врз нафтените полиња во овој град, јавува Anadlu Agency (AA).
ПКК/ПЈД на 9 септември започна акција кон градот Деир ез-Зор, во што имаше поддршка и од Соединетите Американски Држави (САД).
Терористите на ПКК/ПЈД претходно успеаја да стигнат до северниот дел на центарот на градот Деир ез-Зор, и го зазедоа местото Сувар од североисток и малото место Касра од северозапад, кое се наоѓа на брегот на реката Еуфрат.
Според информациите од локалните извори, ПКК/ПЈД ја презеде контролата врз нафтеното поле Џефре, кое се наоѓа источно од реката Еуфрат, поточно на 22 километри од центарот на Деир ез-Зор.
ПКК/ПЈД на 24 септември северно од Деир ез-Зор ја презеде контролата врз постројката за гас „Конако“, инаку најголема во овој град.
Реката Еуфрат го дели градот Деир ез-Зор, а нафтените полиња Ал Омер, Танак, Вард, Афра, Кевари, Џефре, Џарнуф, Азрак, Кахар, Суејтат и Галбан, кои се наоѓаат на нејзиниот источен брег, според претпоставките, сочинуваат една третина од енергетските извори во Сирија.
Од друга страна, силите на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад, кој ги поддржува Русија, минатиот месец преминаа на источниот брег од реката Еуфрат и се обидоа да им го пресечат патот на терористите на ПКК/ПЈД.
Деир ез-Зор во последно време е важен за САД, Русија, Иран, режимот на Башар ал-Асад, како и за терористичките организации ПКК/ПЈД и ДЕАШ.
Најголемиот дел од Деир ез-Зор, во кој, според последниот попис живеат околу 230.000 жители, од јули 2014 година се наоѓа под контрола на ДЕАШ. Периферијата на градот ја контролира ДЕАШ, додека центарот и неговата околина под опсада го држат силите на режимот.