Diyar Güldoğan
18 Мај 2017•Ажурирај: 19 Мај 2017
КИЕВ (АА) - Украина е посветена на враќањето на Крим, истакна денес украинскиот претседател Петро Порошенко, јавува Аnadolu Agency (AA).
Порошенко ја окарактеризира анектираната територија како „интегрален дел од Украина“, и рече дека ќе се искористат сите политички и дипломатски средства.
Односите меѓу Киев и Москва се влошија откако Русија го анектираше Крим, по незаконското гласање за независност во 2014 година.
Заедно со ЕУ, Украина прва воведе санкции против Русија во март 2014 година. Тие имаат за цел да извршат притисок врз Москва за спроведување на Договорот од Минск во Украина и да обезбедат деескалација на кризата во земјата.
Претходно оваа недела, Порошенко потпиша уредба за блокирање на пристапот до руската социјална мрежа „VK“ и „Odnoklassniki“, руски сервис за електронска пошта, како и до пребарувачот „Yandex“.
„VK“ и „Odnoklassniki“ се едни од најпопуларните сајтови во Украина.
Во меѓувреме, украинскиот премиер Володимир Гројсман одаде чест на споменот на кримските Татари депортирани од страна на Советскиот Сојуз во 1944 година.
„Депортацијата, геноцидот врз кримските Татари претставува огромна трагедија во историјата на нашата држава и нашиот народ", истакна Гројсман.
На 18 мај 1944 година, десетици илјади кримски Татари беа депортирани во Централна Азија, од страна на советскиот режим на Сталин, кој ги обвини дека соработувале со окупаторските нацистички сили.
Околу 180.000 луѓе беа депортирани во различни региони во рамките на Советскиот Сојуз, особено во Сибир и во Узбекистан.
Речиси половина од прогонетите, кои долг период живееле во лоши услови, се претпоставува дека умреле од глад и од болести.
Овој 30-годишен егзил продолжи до 1987 година, кога советската Влада дозволи 2.300 кримски Татари да се вратат во својот роден крај, а 19.300 лица се вратија во 1988 година.