Betül Yürük
05 Април 2019•Ажурирај: 08 Април 2019
ОБЕДИНЕТИ НАЦИИ (АА) - Фондот за деца на Обединетите нации (УНИЦЕФ) соопшти дека се очекува бројот на деца погодени од кризата во Венецуела да достигне 1,1 милион, јавува Anadolu Agency (AA).
Во писменото соопштение, УНИЦЕФ обрна внимание на влијанието врз децата на тековната криза во Венецуела.
Во соопштението се истакнува дека се очекува бројот на деца погодени од кризата во Венецуела да се дуплира, и заедно со оние што заминуваат во соседните земји потреба од заштита и помош ќе имаат 1,1 милион деца.
„На 4,9 милиони жители на Венецуела коишто се наоѓаат во Бразил, Колумбија, Еквадор и Гвајана, исто така ќе им биде потреба хуманитарна помош“, се истакнува во соопштението.
Според извештајот на ОН, 7 милиони луѓе во Венецуела, а тоа е околу една четвртина од населението, имаат потреба од хуманитарна помош.
Венецуелскиот претседател, Николас Мадуро, за кризата во неговата земја ги обвини САД и санкциите против неговата земја.
Од друга страна, Советот за безбедност на ОН по барање на САД се очекува да се состане следната недела за да се разговара за хуманитарната криза во Венецуела.
- Политичка криза во Венецуела
Протестите во Венецуела започнаа на 10 јануари, на денот кога претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, положи свечена заклетва и го започна вториот мандат на функцијата шеф на државата.
Опозицијата во Венецуела не ја признава власта на претседателот Мадуро, а челникот на опозицијата и на Парламентот, Хуан Гуаидо, се прогласи за привремен претседател.
Освен САД, опозицијата на Венецуела во преземањето на власта ја поддржаа и Бразил, Аргентина, Канада, Чиле, Колумбија, Костарика, Еквадор, Гватемала, Панама и Парагвај.
Од друга страна, Турција, Иран, Боливија, Мексико и уште неколку земји ја поддржуваат легитимната власт на Мадуро.
Мадуро истакна дека ги прекинал политичките и дипломатските односи со САД, но дека трговските односи ќе продолжат.