ХАТАЈ
Селен ТЕМИЗЕР
Нур Хатиб во текот на својот деветмесечен притвор била сведок на измачувањата во затворите во Сирија на режимот на Башар ал Асад.
Нур Хатиб, која во Сириската мрежа за човекови права (SNHR) е одговорна за документите на затворените, веќе седум години работи со поранешните осуденици кои биле измачувани во затворите на режимот на Башар ал Асад и во единиците за разузнавање.
Хатиб, која и самата е поранешен осуденик, им дава поддршка на овие лица и ги документира прекршувањата на правата од страна на режимот. Хатиб, уште на 19-годишна возраст им помагала на ранетите демонстранти на протестите против сирискиот режим, за што била приведена и држена во затвор девет месеци.
Последните шест месеци, заедно со нејзиниот сопруг, кој исто така е дел од екипата на СНХР, и со нивните две деца, живее во Турција, каде што на Универзитетот „Карабук“, ги продолжува студиите на Институтот за правда. Хатиб за АА ги раскажа своите доживувања во затворите на режимот.
- „Многу се плашев од измачување, би ја избрала смртта“
„Безбедносните сили на режимот поставија стапица и ме фатија на 3 април 2012 година. За време на протестите организиравме полски болници во кои ќе бидат лекувани и згрижени демонстрантите. И онака веќе неколку месеци ме бараа, по два-три обиди ме фатија. Ме одведоа во безбедносното одделение на Хама“, рече Хатиб.
Хатиб, која четири дена воопшто не излегла од самица, го рече следното:
„Во мојот деветмесечен притвор, најтешките денови ги минав тука. Претходно ги имав чуено приказните на оние кои биле приведени тука, затоа многу се плашев од измачување. Претпочитав смрт. Темнина, се наоѓам на простор од еден метар квадратен. Еднаш во денот го отвораат прозорецот од вратата за да ви дадат храна и тоа е единствениот момент кога во ќелијата влегува светлина. Тогаш ги забележував текстовите испишани на ѕидовите. Некој со крв, некој гребејќи со нокти пишувал на ѕидот. На ѕидот од ќелијата со крв беше напишано ’Мамо, многу ми недостигаш‘. Имаше стихови од Куранот, пораки за трпение, а имаше испишано и имиња. Претпоставувам дека ги напишале со мислата, доколку некој ги забележи, да им јави на семејствата.“
Хатиб, која петтиот ден била изведена пред суд, рече „Ме тепаа. Покрај мене за време на испрашувањето имаше една Шебиха. Нејзина должност беше ако ги отфрлам обвинувањата, да ме удри по глава.“
„Во ходникот измачуваа едно лице. Додека траеше сето тоа, му ја удираа главата од вратата на мојата ќелија, од болка ќе вриснеше, а потоа ќе замолчеше. Се наоѓате во темнина. Ги слушате гласовите на измачување. И одеднаш на вашата врата звук на силен удар... Тој момент не можам да го заборавам“, зборуваше Хатиб со солзи во очите.
Истакнувајќи дека во безбедносното одделение измачувањата се спроведувале во ходниците, Хатиб продолжи со зборовите:
„Осуденикот кој е многу измачуван, потоа е испрашуван. Доколку ги одбие обвинувањата, повторно е носен на измачување. Немаше никаква разлика дали си го сторил или не делото за кое те обвинуваат, немаше друга опција освен да прифатиш. Досието, всушност, веќе беше подготвено во нивните раце. Воопшто не се грижеа за тоа што си изјавил. Нивна единствена грижа беше од тебе да ги извлечат имињата на другите.“
- Денови во „Одделот на смртта“, број 215
Хатиб, раскажувајќи како по 10 дена ја качиле во возило и ја транспортирале во Дамаск, продолжи:
„Главите ни беа меѓу нозете. Голема група нѐ транспортираа во Дамаск. По 7 часа патување пристигнавме во безбедносниот оддел број 215 во појасот Кефер Сусе. Директорот на затворот, Шершебил, беше многу одвратен. Одделот број 215 беше оддел на смртта. Тука останав околу два месеца.
Ќелијата во која престојувавме беше веднаш до собата за измачување. Постојано доаѓаа пискотници од одајата за истрага, постојано во неа имаше насилство и измачување. Во истото возило со кое дојдов, беше и една девојка, која, откако ја видов 25 дена подоцна, не можев да ја препознаам, бев шокирана. Извршителите на насилството, воопшто немаа посебен однос кон жените. Немаше ниту трага од милост во нивните срца. Во измачувањето, за нив, жените, децата и мажите беа еднакви. Образованите лица повеќе ги измачуваа.“
По 60 дена поминати во одделот број 215, Хатиб рече дека била пратена на воен суд. „Потоа нѐ префрлија во затворот во Хомс, каде што беше многу тешко. Кога влеговме првпат, немаше одделни ќелии, нѐ затворија со вистински криминалци. Бевме во ќелија со проститутки и наркоманки. Тука останавме три месеци. Имаше толку многу затворенички што веќе немаше место каде да се легне. Имаше некои што лежеа во ходниците, бидејќи на суд се одеше еднаш на шест месеци, и тоа ако ти дојде редот“, изјави Хатиб.
- „Со доаѓањето на бебето, влезе светлина во ќелијата“
Во врска со сведоштвата на некои жени, Хатиб го кажа следното:
„Една жена, поради измачувањето имаше психолошки проблеми. Таа повеќепати била силувана и тоа на повеќе начини ми го раскажуваше. Не можев да разберам што е вистинското. На нејзиното тело можеа да се забележат трагите од насилството. Таа беше повеќе измачувана бидејќи била сопруга на еден активист. Со нас остана еден месец и во тој месец таа ја загуби свеста.
Друга жена, пред да биде заробена, била силувана на една воена контролна точка, а потоа под образложение дека соработувала со терористите, ставена е во затвор. Покрај овие жени, имаше и едно 15-годишно двојче кое го привеле и го силувале. Кога девојчето го донесоа во ќелија, три дена стоеше покрај вратата, а ние се грижевме за него. Тоа не беше ни свесно зошто се наоѓа тука.“
Во ќелијата доведоа трудница. Зборувајќи дека таа се породила по приведувањето, Хатиб раскажа:
„Дента кога жената требаше да се породи, ги известивме надлежните и побаравме да повикаат брза помош. Со два часа задоцнување жената ја одведоа сама. Ја породиле во воена болница, а бебето го донесоа завиткано во парче платно. Со доаѓањето на бебето, во ќелијата влезе светлина. Сите станавме мајки на бебето. Со сечење на парчиња платно од нашата облека, шиевме облека за бебето.“
- Ослободена и повторно приведена
Хатиб по девет месеци дала мито и добила одлука за ослободување, но нејзиното повторно приведување го раскажа со зборовите:
„Кога излегов од затвор, пред вратите ме чекаше моето семејство. Само што се видов со него, едно лице од обезбедувањето ми пријде и ме приведе. Од возилото што се приближи, излезе офицер и рече дека сум приведена бидејќи имало пријава за мене и дека е подготвен извештај. Моите зборови ’Како е можно? Во тој период бев во затвор‘, не вредеа ништо и ме однесоа во одделението за воздушна одбрана. Таму реков ’Правете што знаете, лежев една година, повторно ќе лежам‘, по што се налутија и ми дадоа електрошок. Болката од тоа ја чувствувате подоцна. Кога влегов во ќелијата, со секој проток на крвта, ја чувствував болката. Човек во моментот на измачувањето може да не почувствува ништо, но болката се појавува подоцна.“
По три дена притвор била пуштина на слобода.
news_share_descriptionsubscription_contact
