Ekipa
20 Март 2020•Ажурирај: 20 Март 2020
ТЕХЕРАН (АА) - Морничавата тишина на пустите улици и вревата во преполните болници владеат во Техеран и остатокот на Иран кој е соочен со загрижувачки раст на бројот на заразени со коронавирусот, пишува Агенција Анадолија (АА).
Иранските власти потврдија дека во земјата, со коронавирусот се заразени најмалку 18.407 лица, а починале 1.284 лица. Секој час во просек се заразуваат по 50, а од вирусот починуваат по 6 Иранци.
Коронавирусот пред 30 дена се појави во иранскиот град Ком, но епицентар на епидемијата стана главниот град на таа земја, Техеран.
Иранските власти на чело со претседателот на таа земја, Хасан Рохани, се на удар на жестоки меѓународни критики поради лошото менаџирање со кризата и неадекватниот и бавен одговор на појавата на потенцијално смртоносниот вирус.
Меѓутоа, многу експерти посочуваат дека иранските власти не се целосно одговорни за лошото справување со кризата, туку дека ваквата состојба е последица на санкциите наметнати од страна на Соединетите Американски Држави врз Иран. Експертите велат дека американските санкции ја попречуваат ефикасната борба за спасување животи и за сузбивање на ширењето на коронавирусот во Иран.
Во 2015 година, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп еднострано се повлече од меѓународниот Договор за иранската нуклеарна програма и ги обнови строгите економски и други санкции кон Иран.
Аналитичарите и експертите сѐ погласно ги повикуваат САД да ги олеснат санкциите кон Иран за да ја олеснат набавката на медицинска опрема и лекови потребни за борба против коронавирусот.
Иран поради санкциите се соочува со голем недостиг на медицинска опрема, а шефот на иранската дипломатија, Џавад Зариф, неодамна објави список на итно потребни апарати, како респиратори, електрошокери, скенери за КТ, но и комплети за тестирање на вирусот, заштитни маски и ракавици.
На Иран досега му испратија помош властите на Кина, Турција, Катар, Русија, Јапонија, Обединетите Арапски Емирати, Германија и Франција, додека САД не покажале знак на добра волја во ублажувањето на санкциите. Оваа недела САД дополнително ги засилија санкциите кон иранската петрохемиска индустрија.
Професорот на Универзитетот во Техеран, Саед Мухамад Маранди, рече дека американското воведување нови санкции во оваа ситуација е класичен пример за садизам.
„Ова може да се објасни само како обид за ширење на коронавирусот во Иран. Молчењето на медиумите и владите на Западот е зло“, рече Маранди.
Аналитичарот Сина Кавош за АА изјави дека САД дополнително ја напаѓаат проблематичната иранска економија со нови санкции, и тоа во екот на борбата против пандемијата на коронавирусот.
Тој ја спореди оваа ситуација со она што го направија САД во 1994 година во случајот со Северна Кореја.
„Да се биде суперсила не значи дека мора да ја злоупотребувате секоја ситуација, тоа значи дека имате одговорност да ги промовирате хуманитарните цели како приоритети“, рече Кавош.
Аналитичарите потсетија дека поранешниот американски претседател Џорџ Буш ги ублажил санкциите кон Иран по силниот земјотрес што ја погоди земјата во 2004 година, а дека Барак Обама направил слично во 2012 година. Маранди и Кавош се прашуваат дали е толку тешко за Трамп да го следи примерот на неговите претходници.
„Историјата ќе забележи дека иранскиот народ е препуштен да умре со тоа што ќе му биде оневозможен пристап до медицинска опрема, а ќе се забележат во историјата и сите оние кои се одговорни за тоа. Американците треба да го кренат својот глас и да побараат од нивната Влада да го промени текот на политиката кон Иран“, рече иранскиот уметник и професор Симнан Фатамех.
.