Ekip
04 Ноември 2022•Ажурирај: 07 Ноември 2022
БЕРЛИН (АА) - Групата седум најразвиени земји во светот - Г7, соопшти дека ќе помогне во обновата на критичната енергетска и водоводна инфраструктура на Украина уништена во руските напади, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Денеска воспоставуваме механизам на Г7 за координација со цел да ѝ помогнеме на Украина да ја поправи, обнови и одбрани нејзината критична енергетска и водоводна инфраструктура. Со нетрпение ја очекуваме меѓународната конференција во Париз на 13 декември, чија цел е поддршка на цивилите во Украина, организирана од Франција и Украина“, изјавија министрите на најразвиените светски економии во заедничката изјава по нивниот состанок во германскиот град Мунстер.
„Ги поздравуваме и резултатите од Меѓународната конференција на експерти која на 25 октомври се одржа во Берлин и остануваме посветени кон придонесот за обнова и модернизација на Украина. Продолжуваме да стоиме цврсто покрај Украина онолку колку што е потребно“, се додава во изјавата.
Г-7, група која ја сочинуваат Германија, Франција, Италија, Јапонија, Канада, САД и Велика Британија, ја потврди и својата „непоколеблива посветеност кон продолжување на давањето финансиска, хуманитарна, одбранбена, политичка, техничка и правна поддршка што ѝ е потребна на Украина да ги ублажи страдањата на својот народ и да го поддржи нејзиниот суверенитет и територијален интегритет во рамките на меѓународно признатите граници“.
„Ја поздравуваме храброста и издржливоста на украинскиот народ наспроти неиспровоцираната агресија на Русија и посветени сме да ѝ помогнеме на Украина да се подготви за зимата“, рекоа министрите во заедничката изјава.