Mehmet Hatipoğlu
28 Април 2020•Ажурирај: 29 Април 2020
ЃУМУРЏИНА (АА) - Избраниот муфтија на Ѓумурџина, Ибрахим Шериф, истакна дека некои цивили во областа кои се претставувале како службеници на регионот, ги посетувале имамите на џамиите и барале да се намали јачината на гласот на езанот од минарињата, затоа што предизвикувал непријатност, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во изјава за дописникот на АА, Шериф истакна дека одредени луѓе во регионот во последно време се обидуваат да дејствуваат за да се намали јачината на гласот на езанот во селата и градовите.
„Звукот на езанот, кој досега не вознемируваше никого во Ѓумурџина, сега наеднаш почна да вознемирува. Користејќи ја борбата против вирусот Ковид-19 како изговор, сакаат да ја намалат јачината на гласот на езанот. Тоа ги вознемирува муезините“, нагласи муфтијата Шериф.
Тој рече дека одредени цивили во областа кои се преставувале како службеници на регионот, ги посетувале имамите на џамиите и барале да се намали гласот на езанот од минарињата, затоа што предизвикувал непријатност.
„Нашите верски службеници во џамиите се вознемирени од ова. Тоа се прави бидејќи џамиите се затворени поради мерките преземени во борбата против епидемијата. Не е можно да се разбере каква врска има звукот на езанот со борбата против Ковид-19. Оваа ситуација е неприфатлива и некомпатибилна со слободата на религијата“, рече муфтијата Шериф.
Тој истакна дека затворањето на џамиите во рамките на мерките преземени против епидемијата предизвикало голема непријатност кај малцинството.
„Оваа година, и покрај тешките услови, Рамазан во западна Тракија тече со силна возбуда. Нашите луѓе постат. Сепак, поради вирусот нашите џамии се затворени за богослужба. Затоа терави намазот го клањаме дома“, рече муфтијата Шериф.