Nezir Aliyev
08 Август 2019•Ажурирај: 08 Август 2019
БИШКЕК (АА) - На половина беше прекината специјалната операција за притворање во куќата на поранешниот претседател Алмазбек Атамбајев во Киргистан. Имунитетот на Атабајев беше укинат поради обвиненија за корупција, јавува Anadolu Agency (AA).
Заменик-министерот за внатрешни работи, Курсан Асанов, кој се наоѓа во селото Кој-Таш во регионот Чуј, за дописникот на АА, истакнувајќи дека полицијата ја контролира ситуацијата, рече: „Сиве овие случувања ќе се решат по пат на дијалог. Моментално работиме на тоа.“
- Безбедносните сили операцијата ја прекинаа на половина -
Атамбајев не се предаде на безбедносните сили, кои извршија рација во неговиот дом за да го притворат. Тимот за специјални операции на Комитетот за национална безбедност и единиците на внатрешните сили ја прекинаа операцијата и го напуштија селото Кој-Таш каде што живееше Атамбајев.
Во меѓувреме, стотици млади луѓе кои истакнаа дека се приврзаници на Атамбајев, со камења во рака се пресретнаа со безбедносните сили кои се наоѓаа на влезот и излезот од селото.
Заменик-министерот за внатрешни работи, Асанов, побара да заминат младите собрани на влезот на селото. Тие, исто така, побараа да им се дозволи до одат во куќата на Атамбајев и да се обезбедат интернет и телефонски сигнал.
Од друга страна, беше видливо дека голем број оклопни возила и камиони натоварени со војници кои се наоѓаа во селото Кој-Таш се упатија кон главниот град Бишкек.
- Обраќање на Атамбајев -
Атамбајев, обраќајќи се на народот преку телефон од својата куќа во селото Кој-Таш, им се заблагодари на оние што го поддржуваат. Тој, повторувајќи дека сака да даде писмена изјава за полицијата, рече:
„Ви се обраќам со голема болка. Власта, прекршувајќи го Уставот, сакаше да ме притвори. Сакаа да ме замолчат. Во вечерните часови дојдоа со оружје. Најпрвин употребија пластични куршуми, потоа вистински куршуми. Многу ми е жал и се срамам. Атамбајев не е терорист. И оние граѓани што дојдоа да ме поддржат, не се терористи. Власта пукаше кон својот народ. Упатувам повик до власта: престанете!.“
- Бројот на повредени во операцијата се искачи на 45 -
Министерството за здравство соопшти дека бројот на повредени за време на операцијата во куќата на Атамбајев се искачи на 45. Се наведува дека 22 од овие лица се повредени со камења, 13 од нив со пластични куршуми, 4 со вистински куршум и 6 поради паѓање.
За време на операцијата, началникот на окружната полиција на Чуј, Самат Курманкулов, сериозно е повреден во главата и се наоѓа во кома, така што неговата здравствена состојба е сериозна.
Исто така беше истакнато дека едно 22-годишно лице од безбедносните сили било сериозно повредено и им подлегнало на повредите во болница.
Атамбајев, чиј имунитет беше укинат поради обвиненија за корупција, со специјалната операција започната во неговата куќа синоќа во 20:00 часот, беше планирано да биде приведен.
Обезбедувањето на Атамбајев одговори на безбедносните сили кои ја започнаа операцијата. Неговите приврзаници ја обезбедија неговата куќа.
Неговите приврзаници, кои не дозволија Атамбајев да биде приведен, 6 лица од безбедносните структури ги држат во заложништво. Затоа во домот на Атамбајев и во тоа подрачје беа прекинати интернетот и комуникациите, а исто така и уличното осветлување и електричната енергија во неговата куќа.
Полицијата верува дека за време на неговото владеење, Атамбајев помогнал противзаконски да биде ослободен Азиз Батукајев, чеченскиот лидер на мафијата.