Adam Abu-bashal
02 Јуни 2021•Ажурирај: 02 Јуни 2021
АВУЏА
Се дознава дека пирати киднапирале пет морнари на отворено море на брегот на западноафриканската држава Гана, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според вестите објавени во националните медиуми, корејски брод кој патувал од Република Бенин кон Гана, бил нападнат од пирати во Гвинејскиот Залив. Во нападот, пиратите киднапирале петмина членови на екипажот, од кои четири лица се Корејци, а еден државјанин на Гана.
Од друга страна, претставници на локалната власт соопштија дека безбедносните сили започнале операција за пронаоѓање на киднапираните морнари.
- Најопасниот залив на светот
Гвинејскиот Залив, чие име се споменува во врска со пиратските напади, познат е како најопасна морска област во светот. Оваа година во Гвинејскиот Залив извршени се 24 напади во кои се киднапирани 128 лица.
Минатата недела пиратите во Гвинејскиот Залив нападнаа танкер со нафта. На бродот кој под знаме на Маршалските Острови пловел од Ангола кон Того, пиратите киднапираа 20 индиски морнари.
Во ноември 2019 година, пиратите нападнаа норвешки товарен брод кој пловеше на оддалеченост од 9 милји (околу 16,7 километри) од Котону, економскиот главен град на Бенин, киднапирајќи го осумчлениот екипаж на бродот, заедно со капетанот.
Во јули минатата година на отворено море во Нигерија, вооружени лица нападнаа турски брод, при што од 18-те члена на екипажот 10-мина беа киднапирани и за нив беше побаран откуп. Киднапираните морнари беа спасени во операција на безбедносните сили на Нигерија и ѝ беа предадени на Амбасадата на Република Турција во Абуџа.