?kipa
09 Мај 2018•Ажурирај: 09 Мај 2018
ПЈОНГЈАНГ (АА) - Американскиот државен секретар, Мајк Помпео, му соопшти на висок официјален претставник на Северна Кореја дека Соединетите Американски Држави (САД) сакаат заедно со Северна Кореја да работат на намалување на нивните разлики, истовремено предупредувајќи на предизвиците што ги чекаат, пренесува Anadolu Agency (AA).
Помпео денес пристигна во главниот град на Северна Кореја со цел да ги заврши подготовките за самитот на претседателот Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун.
Ким Џонг Чол, директор на одделот одговорен за меѓукорејските односи, организираше работен ручек за Помпео и десетина членови на американската делегација. Помпео за Чол рече дека е одличен партнер во работата со цел планираниот самит успешно да се реализира.
Чол истакна дека политиките на Северна Кореја не се резултат на санкциите што ѝ се наметнати на неговата земја. Трамп претходно изјави дека неговата тактика на притисок ја донела Северна Кореја на преговарачката маса.