БЕРЛИН (АА) - Радикално десничарската, популистичка, антимуслиманска, антимигрантска Алтернатива за Германија (AfD) е политичка партија којашто на неделните избори во Германија оствари голем успех и стана третата најсилна политичка партија во Бундестагот и прва политичка опција на радикалната десница во парламентарните клупи по Втората светска војна, јавува Anadolu Agency (AA).
Иако станува збор за релативно млада политичка партија, која е основана во април 2013 година, таа во неделата се избори за 94 пратенички места во највисокото законодавно тело на Германија, што беше и главна вест од германските избори.
Во изминатите четири години АфД доживеа видливи трансформации, со оглед на тоа што настана како партија со јасни економски приоритети во правец на борбата против еврозоната и заедничките економски политики во ЕУ.

Со таа програма, АфД излезе на парламентарните избори во Германија во септември 2013 година, но со освоени два милиона гласови, не успеа да го премине прагот на Бундестагот.
Веќе во 2014 година, АфД ја водеше предизборната кампања за Европскиот парламент со популистичката реторика во правец на борбата против исламот и имиграциите, што резултираше со поголем број гласови и со освојување седум пратенички места во ЕП.
Истата година, АфД влезе во покраинските парламенти во Бранденбург, Туринген и во Саксонија. Истата радикално-десничарска реторика им донесе и места во покраинските парламенти во другите делови на Германија, а угледниот економист, основач и претседател на АфД, Бернд Луке, минатата година ја напушти партијата бидејќи се оддалечила од економската програма и отишла предлабоко во десница.
На чело на АфД дојдоа популистите Александер Гауланд и Бернд Хоке, кои антимигрантската и антиисламската политика ја поставија како приоритет и ја искористија мигрантската криза во Европа за масовно придобивање на гласачкото тело кое беше незадоволно со потезите на канцеларката Ангела Меркел поради примањето на мигрантите од Блискиот Исток и од другите кризи региони.
Поттик за АфД беа и активностите на антимигрантското и антиисламското движење ПЕГИДА.
Сето ова, во неделата резултираше со освојување 5,88 милиони гласови, или 12,6 отсто од електоратот од страна на АфД на парламентарните избори во Германија, со што доби 94 пратенички места во Бундестагот.
Изборниот успех на АфД ја загрижи јавноста во Германија и цела Европа, бидејќи влегувањето на радикалната десница во парламентот на таа земја привлекува значително поголемо внимание со оглед на нацистичкото минато. Причина за загриженост особено има муслиманската популација во Германија и во Европа.
Раководството на АфД се противи на приемот на мигрантите, особено на муслиманите, и тврди дека исламот не припаѓа на Германија и на Европа. АфД најавува затворање на муслиманските здруженија и ограничување на сите верски слободи.
Партијата заговара да се одземат сите ингеренции на ЕУ и да се врати потполната автономија во одлучувањето на секоја членка поединечно.
Особено загрижувачки е фактот што такво големо гласачко тело ги поддржува расистичките и радикални ставови на АфД. Тоа се однесува особено на источните германски региони, во коишто гласачите на тој начин ги казнија раководечките политички опции за економската стагнација на тој дел од земјата.
Постизборните истражувања на јавното мислење покажуваат дека за АфД во неделата гласале милион поранешни гласачи на владејачкиот христијански блок ЦДУ/ЦСУ, како и по половина поранешни гласачи на социјалдемократите на СПД и Левичарската парија, наследник на некогашната Комунистичка партија во источниот дел на Германија. Популистите на АфД успеаја да анимираат и речиси милион и пол гласачи кои на претходните избори апстинираа.
Со расистичките изјави, челниците на АфД во предизборната кампања предизвикаа голема бура реакции низ цела Европа, но сепак дојдоа до гласовите на незадоволните гласачи во Германија.
Потпретседателот на АфД, Александер Гауланд, го привлече вниманието со изјавата дека црномуреститот германски фудбалски репрезентативец Џером Боатенг ужива популарност како фудбалер, но оти Германците не го сакаат како сосед.
Поголемо внимание привлече изјавата на Гауланд дека Германците имаат право да бидат горди на своите воени успеси и на хероите од двете светски војни, ако Французите и Британците имаат право да се гордеат со Винстон Черчил.
Копретседателката на АфД, Фрауке Петри, изјави дека треба да се вооружи граничната полиција на Германија и да се издаде налог по потреба да се користи оружјето против мигрантите.
АфД се истакнува и како антиеврејска политичка партија, а нејзиниот челник во покраната, Бјорн Хоке, го нарече срамотен Споменикот на геноцидот врз Евреите.
По објавата на изборниот успех, се чини дека АфД влегува во друга фаза на трансформација, бидејќи меѓу челниците на таа партија сѐ повеќе доаѓа до разидувања. Едно од водечките лица на партијата, Петри, веќе најави дека во Бундестагот ќе дејствува како независна пратеничка.
Јавноста во Европа со внимание ќе следи на кој начин АфД ќе дејствува во Бундестагот, кој според мислењето на речиси сите аналитичари, веќе никогаш нема да биде ист.