Dmitri Chirciu
22 Јуни 2022•Ажурирај: 23 Јуни 2022
МОСКВА (АА) - Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, истакна дека се подготвени да обезбедат украинското жито да се изнесува со странски бродови, пренесува Агенција Анадолија (АА).
На неделната прес-конференција што ја одржа во главниот град Москва, Захарова се осврна на изнесувањето жито од пристаништата во Украина.
Наведувајќи дека руските сили ги создале неопходните услови за безбедно функционирање на хуманитарните коридори во Црното Море и Азовското Море, Захарова рече дека пристаништата Мариупол и Бердјанск можат да се користат за извоз на земјоделски производи.
„Потврдуваме дека Русија е подготвена да обезбеди изнесување на украинско жито од странски бродови. Тоа може да се случи под услов бродовите да бидат контролирани за шверц на оружје и Киев да се воздржи од провокативни дејствија, закана од мини и создавање тензии во Црното Море. Уште еднаш потврдуваме дека сме подготвени да ги исполниме нашите обврски во однос на извозот на жито, ѓубриво, енергија и други критични производи“, нагласи Захарова.
Нагласувајќи дека и покрај санкциите продолжуваат да извезуваат храна преку билатерални канали, Захарова рече дека до крајот на годината на меѓународните пазари ќе можат да испорачаат приближно 25 милиони тони жито и 22 милиони тони ѓубриво.
Меѓу другото, Захарова истакна дека „лага“ се изјавите дека дејствијата на Русија во Украина ја испровоцирале кризата со храна и жито дадени од претставници на западните земји и меѓународните организации, вклучително и Обединетите нации (ОН).