свет

Русија ќе бара „железни гаранции“ за безбедноста за време на мировните преговори во Украина

„Ќе бараме гаранциите за безбедност да станат составен дел од овој договор. Само преку нивно формирање ќе биде можно да се постигне траен мир во Украина и, генерално, да се зајакне регионалната безбедност“

Burç Eruygur  | 17.03.2025 - Обновена : 17.03.2025
Русија ќе бара „железни гаранции“ за безбедноста за време на мировните преговори во Украина

ИСТАНБУЛ (АА) - Русија денес соопшти дека ќе бара „железни гаранции“ за безбедноста за време на преговорите за решавање на конфликтот во Украина, додека продолжуваат преговорите за можен 30-дневен прекин на огнот меѓу Москва и Киев, предложен од САД, јавува Анадолу.

„Ќе бараме гаранциите за безбедност да станат составен дел од овој договор. Само преку нивно формирање ќе биде можно да се постигне траен мир во Украина и, генерално, да се зајакне регионалната безбедност,“ изјави рускиот заменик-министер за надворешни работи Александар Грушко во интервју за весникот „Известија“.

Тој нагласи дека дел од овие гаранции треба да вклучуваат неутрален статус на Украина и одбивање на НАТО да ја прифати како членка, додавајќи дека Алијансата станува „сè поагресивна“ со своите воени активности.

Грушко повтори дека Русија се противи на распоредување мировни сили во Украина.

„Тие многу се фалат дека се одбранбен сојуз, но вистинската историја на Алијансата е составена од воени операции, низа агресии без никаква причина, само за повторно да се нагласи нејзината хегемонија во светските и регионалните прашања“, рече тој.

Заменик-министерот тврдеше дека предлогот на францускиот претседател Емануел Макрон за испраќање мировни сили во Украина има за цел „да го одвлече вниманието на јавноста од внатрешните проблеми“ во Франција.

Тој исто така изјави дека Москва има „исклучително скептичен“ став кон вклучувањето на ОБСЕ во можната мировна мисија, но дека е можно присуство на цивилна мисија во Украина.

„Ова би можело да вклучува невооружени набљудувачи, цивилна мисија која ќе го надгледува спроведувањето на одредени аспекти од овој договор или механизми за гаранција“, додаде Грушко.

Заменик-министерот не ја исклучи можноста за повторно воспоставување дијалог меѓу Русија и Европската Унија, слично на тековните контакти меѓу Москва и Вашингтон, но нагласи дека останува нејасно како Европа би можела да учествува во мировните преговори за Украина.

Американските и украинските делегации минатиот вторник се состанаа во саудискиот град Џеда за да разговараат за можен мировен договор меѓу Русија и Украина. По состанокот, во заедничка изјава беше наведено дека Киев е подготвен да прифати 30-дневен прекин на огнот, предложен од Вашингтон.

Рускиот претседател Владимир Путин во четвртокот изјави дека неговата земја се согласува со предлозите за запирање на непријателствата, но додаде дека Москва ќе ги прифати само ако тие доведат до „долгорочен мир и елиминирање на првичните причини за овој конфликт“.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.