Mahmut Atanur
27 Февруари 2019•Ажурирај: 01 Март 2019
ЏАКАРТА (АА) - Во несреќата што се случи во илегален рудник за злато во Индонезија, предизвикана од свлечиште, животот го загубија 3 лица, а се претпоставува дека околу 43 лица се исчезнати, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на индонезиската Агенција за справување со катастрофи (BNPB), Сутопо Пурво Нугрохо, информираше дека во селото Бакан, на подрачјето Боланг Монгондов, во покраината Северен Сулавеси, на рударски локалитет каде што се вршеле илегални ископувања настанало свлечиште, при што 3 лица го загубиле животот.
Нугрохо изјави дека се претпоставува оти под земјата која се урна поради свлечиштето, сѐ уште се наоѓаат 43 лица, додавајќи дека благодарение на активностите на спасувачките екипи досега се извлечени 14-мина повредени.
Од друга страна, регионалното раководство соопшти дека се слушаат гласовите на рударите што останале заробени под земјата, истакнувајќи дека со потешкотии се спроведуваат спасувачките активности поради тешките теренски услови и паднатите големи делови од карпи на местото на несреќата.
Во тек е широкоопсежна спасувачка операција во подрачјето за откривање и спасување на настраданите.