Burç Eruygur
11 Јануари 2023•Ажурирај: 12 Јануари 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Украинскиот претседател Владимир Зеленски им го одзеде државјанството на четворица пратеници, меѓу кои и опозиционерот Виктор Медведчук, кој беше дел од размената на затвореници со Русија во септември минатата година, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Руслан Стефанчук, претседателот на украинскиот Парламент, рече дека ова законодавно тело добило претседателски декрет за одземање на државјанството на Медведчук, Андриј Деркач, Тарас Козак и Ренат Кузмин.
„Парламентот итно ќе го разгледа ова прашање на следната пленарна седница“, објави Стефанчук на социјалната мрежа Фејсбук.
Зеленски во видеообраќање рече дека одлуката ја донел врз основа на материјалите во предметот собрани од Службата за безбедност на Украина (СБУ) и Државната служба за миграција, а во согласност со Уставот.
Тој рече дека ќе следуваат уште такви одлуки, предупредувајќи на акција против пратениците кои избираат да им служат на убијците кои дошле во Украина, а не на народот на Украина.
Во септември минатата година Украина го размени Медведчук со 55 руски војници за украински борци.
Украина го обвини Медведчук за предавство, промовирање тероризам и грабеж на националните ресурси на Крим, украински регион илегално анектиран од Русија во 2014 година.