Mustafa Melih Ahıshalı
07 Јануари 2020•Ажурирај: 08 Јануари 2020
ИСТАНБУЛ
Генералниот секретар на Високиот совет на иранската национална безбедност, Али Шемхани, рече дека администрацијата на Техеран се фокусирала на 13 сценарија како одговор на убиството на генералот Касим Сулејмани, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според новинската агенција „Мехр“, Шемхани нагласил: „На состанокот на Советот, 13 сценарија дојдоа на дневен ред како одмазда за убиството на Сулејмани. Ако се реализира и сценариото од најниско ниво, тоа би било историски кошмар за Американците.“
Шемхани, не давајќи информации за содржината на сценаријата, потсети на зборовите на иранскиот лидер Али Хаменеи, кој рече: „Сите сили на отпорот ќе се одмаздат за Сулејмани.“
Тој, исто така, рече дека одмаздата нема да биде ограничена само со еден напад.
Генералниот секретар Шемхани, тврдејќи дека американските трупи во регионот ги намалиле своите патроли и се тргнале во своите бази, рече: „Во регионот има 19 американски бази. 11 се во близина на нашата источна и северна граница. Во алармна состојба се наоѓаат 8 бази кои се наоѓаат на северот и југот на нашата граница. Имаме информации за војниците и опремата што ја имаат таму. Ги следиме и најмалите нивни придвижувања.“
- Убиството на Сулејмани
Пентагон соопшти дека на 3 јануари, во близина на аеродромот во Багдад убиени се Касим Сулејмани, челникот на елитните сили „Кудс“ на Исламската револуционерна гарда, и Ебу Мехди ал Мухандис, постар командант на ирачките Народни единици за мобилизација.
Во нападот, покрај Сулејмани и иранските офицери, загинаа вкупно 10 лица, од кои петмина се од Ирак.
Иранскиот лидер, ајатолахот Хаменеи, во својата прва изјава по инцидентот рече дека ќе им се одмаздат на Соединетите Американски Држави (САД).