Davit Kachkachishvili
28 Март 2022•Ажурирај: 29 Март 2022
КИЕВ (АА) - Додека Русија продолжува да спроведува воздушни напади врз делови на главниот град на Украина, нејзините жители работат напорно на тоа да ги сочуваат историските статуи и културното богатство на градот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Бистите и статуите пред уметничките галерии и цркви во Киев општинските работници и волонтери ги заштитуваат со вреќи од песок и дрвени даски.
„Носејќи вреќи со песок и ставајќи ги пред оперската куќа околу статуата на украинскиот композитор Микола Лисенко, кој се смета за основач на украинската музика, Виталиј Мишенко рече: „Ние се обидуваме да ги заштитиме историските артефакти од руските напади што е можно повеќе“.
„Од вчера се обидуваме да ја покриеме оваа статуа. Јас доброволно ја поддржувам Општината Киев во зачувувањето на овие дела“, рече Мишенко.
Во меѓувреме, Вартан Азатиан, од Дирекцијата за заштита на културното наследство при градската управа на Киев, рече дека волонтерите одговориле на повикот на социјалните медиуми и се обидуваат да го заштитат историското наследство.
„Волонтерите во Киев нè поддржуваат со свои средства. Тие носат вреќи со песок или дрва во своите возила“.
Истакнувајќи дека тие се обидуваат да ги заштитат историските артефакти кои се од национална вредност во градот, Азатиан рече дека кога започнала војната немало можност за реализирање на вакво нешто, но дека сега веќе можноста постои.