Gamze Türkoğlu Oğuz
08 Октомври 2020•Ажурирај: 09 Октомври 2020
ЛОНДОН
Секоја година околу 2 милиони деца во светот се мртвородени, повеќето во земјите во развој, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Светската здравствена организација (СЗО), нејзините партнери и Фондот за деца на Обединетите нации (УНИЦЕФ) објавија извештај во кој се истакнува колкав е бројот на мртвородени низ целиот свет.
Во извештајот се наведува дека 2 милиони деца се мртвородени секоја година низ целиот свет и дека епидемијата од коронавирусот може да го зголеми тој број.
Исто така се посочува дека намалувањето на здравствените услуги за 50 проценти поради епидемијата од Ковид-19 може да предизвика во 117 земји во развој да има уште 200 илјади мртвородени деца.
Меѓу другото, СЗО во извештајот посочи дека повеќе од 40 проценти од мртвородените деца може да се спречат доколку жените добијат помош од обучен професионалец во здравството.
Речиси половина од мртвородените деца се евидентирани во Супсахарска Африка и Централна Азија. Овој процент во Европа, Северна Америка, Австралија и Нов Зеланд изнесува 6 проценти.
Исто така, во извештајот се нагласува дека високите стапки на спонтан абортус се среќаваат кај етничките малцинства во развиените земји.
Извршната директорка на УНИЦЕФ, Хенриета Фор, истакна: „На секои 16 секунди, една мајка, на кое било место во светот, ќе ја доживее неописливата болка поради мртвороденото дете.“