Ekip
29 Декември 2021•Ажурирај: 29 Декември 2021
ПАРИЗ
Во Франција е регистриран нов рекорден број на заразени на дневно ниво, така што во изминатите 24 часа беа регистрирани речиси 180.000 нови случаи на заразување, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според податоците објавени од јавната здравствена агенција на земјата, регистрирани се 179.807 случаи на заразување и 290 смртни случаи како последица на вирусот. Претходната висока бројка на заразени беше регистрирана на 25 декември, кога изнесуваше 104.611 случаи.
Случаите ги надминаа бројките во Британија, која забележа 129.471 нов случај на заразување и пријави повеќе од 100.000 случаи за првпат на 22 декември поради варијантата Омикрон која многу брзо се шири и поради широкораспространетото тестирање.
Додека просечниот број на дневни случаи во последната недела е над 80.000, приемите во болница се релативно помалку. Но, властите се плашат од притисокот врз болниците и економската парализа во наредните недели со дневни случаи кои се предвидува да достигнат 250.000 во јануари.
За да се спречи да биде воведен карантин, земјата најави нови мерки кои вклучуваат работа оддома, рестрикции за поголеми собири и забрзување на кампањата за вакцинација за трета бустер доза.
Земјата, исто така, предложи да се забрани влезот на невакцинираните лица на јавни места од 15 јануари.
Се проценува дека 5,3 милиони луѓе на возраст од 12 и повеќе години сè уште не примиле ниту една доза на вакцина.
Во меѓувреме, премиерот Жан Кастекс објави месечен бонус од 100 евра (113 долари) за медицинските сестри кои работат во службите за критична нега како признание за нивната континуирана неуморна работа. Медицинските сестри се идентификувани како здравствен персонал кој има најмногу работа за време на пандемијата.